Со учество на 60-ина лица, по 20 од Македонија, Албанија и Грција, односно од општините Ресен, Девол, Пустец и домаќинот Преспа, утре и задутре во Лемос во Грција ќе се одржи третиот Форум на народите на Преспа (Prespa People’s Forum), на кој ќе почне дискусијата за заедничка прекугранична стратегија за локален развој, со поддршка на проектот „Импакт“ (IMPACT) на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) и Европската комисија.
Како што соопштија од грчката Општина Преспа, која ќе биде домаќин на Форумот, ќе учествуваат земјоделци, сточари и рибари, туристички и локални бизниси, еколошки и културни организации, млади, жени, претставници на селата и на јавни институции.
Целта на форумот е четирите општини да разговараат за изработка на заедничка прекугранична стратегија за локален развој, што почна со Иницијативата на локалните заедници (CLLD) за регионот на преспанските езера.
– Преспа е една од ретките прекугранични пилот-области во Европа избрани за учество во проектот „Импакт“ (IMPACT) на ОЕЦД и Европската комисија и единствена во која стратегијата за развој ќе опфаќа регион што се протега на територијата на три држави. Станува збор за прва дискусија за стратегијата, а резултатите ќе бидат презентирани на состанок на IMPACT, во седиштето на ОЕЦД во Париз на 16 ноември и ќе им бидат испратени на сите учесници на нивниот мајчин јазик. Првиот нацрт на стратегијата повторно ќе биде разгледан со засегнатите страни на почетокот на 2027 година, а нејзиното финализирање се очекува до април 2027 година – соопштија од грчката општина Преспа.
Во согласност со програмата, Форумот ќе почне утре претпладне со обраќања на градоначалниците на четирите општини во однос на заедничката стратегија за локален развој, потоа ќе следува дискусија „Преспа 2035“, на која учесниците ќе ја опишат Преспа каква што сакаат да ја видат за десет години.
В четврток ќе се направи анализа на силните и слабите страни, можностите и заканите, како и видовите активности што ќе придонесат за развој на регионот по што учесниците ќе ја утврдат првична заедничка визија, заедно со приоритетите и следните чекори и ќе следува завршно обраќање на четворицата градоначалници.
„Импакт“ (IMPACT) е проект на Организацијата за економска соработка и развој и Европската комисија, во кој учествува регионот на преспанските езера, преку општините Пустец, Девол, Преспа и Ресен, а има цел да им помага на прекуграничните пилот-региони да изработат заеднички стратегии за локален развој, кои ги опфаќаат териториите од две или повеќе соседни држави.
Првиот Форум на народите на Преспа беше во Пустец, на вториот домаќин беше Ресен, а третиот на 11 и 12 ноември ќе се одржи во грчката општина Преспа.

