Двојно намален долгот на МЖ Транспорт, зголемен превоз на стока низ државата, нови договори за транспорт низ Македонија. Ова се резултатите од двегодишното менаџирање со транспортното претпријатие во железницата, ни потврди генералниот директор Дејан Кошутиќ.
Целта за најдобар регионален оператор за превоз на железнички сообраќај е достижна до 2030 година, доколку продолжи максималната посветеност на Владата и силната поддршка на менаџментот и вработените, кои успеале да го стабилизираат превозот на стока со реставрирање на старите превозни средства. Стратешката точка на Македонија како крстосница на два паневропски коридори е препознаена и од меѓународните трговци, па преку државава се превезува стока од пристаништето Пиреја кон Европа, а веќе е возобновен и транспортот на стока од солунското пристаниште, вели Кошутиќ. Сето тоа се отсликува и во финансиската состојба на претпријатието, кое полека се консолидира.
„За само една година долгот од 800 милиони денари го намаливме на 400 милиони денари, а со новата завршна сметка тој ќе биде уште помал. Па така, планот за стабилизација го исполнуваме во целост“, изјави Дејан Кошутиќ, директор на МЖ Транспорт
Железничкиот транспорт на стока придонесува за зголемен раст на економијата и раст на БДП. Од првиот ден се вратени во функција старите локомотиви кои можеле да се репарираат, а веќе Владата за следната година предвидела и набавка на нови, електрични локомотиви, со цел зголемување на капацитетите за транспорт на стока низ државава како транзитна рута.
Дејан Кошутиќ за локомотивите, вагоните и новите набавки ги пофали Николоски, Владата и реформската агенда.
Финансиската консолидација, враќањето на кондицијата се основи на програмата за развој на железницата по дванаесетте интерни ревизорски извештаи кои покажале девастирано јавно претпријатие. Токму овие наоди, на барање на менаџментот на МЖ Транспорт, ги потврдил и државниот ревизор, што за директорот Кошутиќ покажува дека тие точно ги откриле проблемите и слабите точки, кои веќе се надминуваат со поставениот акциски план.

