Народната банка продолжува со постепено олеснување на условите за располагање со средствата на клиентите на Алта банка АД Битола, со цел да им се овозможи полесен пристап до нивните средства и непречено користење на банкарските услуги – изјави на попладневната прес-конференција .
Славески најави три нови олеснувања што се однесуваат на проширување на мрежата за исплата на готовина, зголемување на лимитите за користење на платежните картички и располагање со приливите од плати, пензии и социјални трансфери.
Тој информира дека за утре, 7 ноември Народна банка на Република Македонија, за да им излезе во пресрет на оние граѓани од околните градови во Битола, а тоа се Прилеп, Ресен и Охрид, ќе организира автобуски превоз до филијалата на Алта банка АД Битола, со цел и тие да можат да си ги подигнат своите пензии и социјална помош.
-Од понеделник, 9 ноември, ќе бидат отворени шалтери и во Тетово и Струмица, на кои граѓаните што немаат платежна картичка ќе можат да подигнат до 20.000 денари. На овој начин, клиентите од овие градови и околните населени места ќе можат да ги подигнат средствата без да патуваат до Битола – рече Славески.
Дополнително, додаде гувернерот, од следната недела неделниот лимит за подигање готовина и плаќање на продажни места со платежни картички на банката се зголемува од 10 на 15.000 денари.
-Третото олеснување се однесува на сите идни нови приливи од плати, пензии и социјални трансфери коишто доаѓат од овие институции или фирми кои имаат сметки во други банки. Тие граѓани ќе можат да ги повлечат во целост, без ограничување на износот – информира Славески на прес-конференција.

