Третата фаза на системот за наводнување „Страиште“, вредна 25 милиони евра, ќе опфати 1.500 хектари земјоделско земјиште и ќе ги задоволи потребите на околу 6.000 земјоделци, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски на денешниот настан со кој се означи почеток на реализација на инвестицијата во населеното место Пирава, општина Валандово.
– Оваа инфраструктура ќе овозможува примена на наводнување капка по капка, попрецизно дозирање и поекономично користење на водата. За производителите тоа ќе значи поголема контрола врз одгледувањето на културите и услови за постабилни приноси и поквалитетен род, особено во сушните периоди од годината – рече Серафимовски.
Тој информираше дека проектот предвидува изградба на 70 километри цевководна мрежа под притисок, поставување на околу 500 хидранти и изградба на нова пумпна станица.

– Во рамките на проектот се предвидени советодавна поддршка и практични обуки. Земјоделците ќе добијат стручни препораки за ефикасно користење на системот и приспособување на наводнувањето според својствата и влажноста на почвата, временските прилики и потребите на културата. На овој начин, вложувањето во инфраструктурата ќе биде поддржано и со знаење што ќе им помогне на земјоделците подобро да ги користат нејзините можности – нагласи министерот.
Според него, Владата со овој проект ги поддржува долгорочните вложувања во земјоделските стопанства, а постабилното производство ќе отвори простор за подобра заработка на земјоделците и за развој на преработката, складирањето и трговијата, со пошироки економски придобивки за целиот валандовски регион.
Системот за наводнување „Страиште“ се надоврзува на првите две фази од проектот „Вардарска долина“ и претставува продолжување на партнерството со германската развојна банка KfW. На настанот присуствуваа и претседателот на Владата – проф. д-р Христијан Мицкоски и градоначалникот на Општина Валандово – Ѓоко Камчев.

