Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска ќе му биде домаќин на министерот на Сојузниот оддел за надворешни работи на Швајцарија и претседавач со ОБСЕ, Ињацио Касис.
Во фокусот на разговорите, како што е најавено, ќе бидат можностите за натамошно унапредување на билатералните односи и соработката, особено во политичката, економската и развојната сфера, континуираната швајцарска поддршка во областа на развојната соработка, како и европската перспектива на нашата земја.
Министрите ќе разменат мислења и за актуелните политички состојби во двете земји, регионалната соработка во Југоисточна Европа, како и за актуелните глобални и регионални безбедносни и геополитички предизвици, со посебен осврт на улогата на ОБСЕ во зачувувањето на мирот, стабилноста и безбедноста, во контекст на претседавањето на министерот Касис со Организацијата.
Според агендата, Муцунски и Касис ќе имаат тет-а-тет средба во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија по што ќе одржат и заедничка прес-конференција.

