Министерството за односи меѓу заедниците го продолжува процесот на консултации за изработка на Стратегијата за мултикултурализам и општествена кохезија за периодот 2027–2032 година. Од ресорното Министерство информираат дека денеска се одржал вториот ден од консултативната средба, на која учествувале универзитетски професори, експерти од соодветните области, претставници на граѓанските организации и претставници на надлежните институции.
– Целта на средбата е вклучување на стручната експертиза и размена на мислења и конкретни предлози, кои ќе послужат како основа за утврдување на приоритетите и мерките што ќе бидат опфатени во новата стратегија – посочуваат од ресорното Министерство.
Воведното обраќање имал министерот за односи меѓу заедниците Агон Ферати, а на вториот ден посебно внимание ќе се посвети на две приоритетни области: институциите и медиумите.
– Преку придонесот на експертите и универзитетските професори се разгледуваат прашањата поврзани со улогата на институциите во унапредувањето на мултикултурализмот, застапеноста и соработката меѓу заедниците, како и значењето на медиумите во промовирањето на меѓукултурниот дијалог, меѓусебното разбирање и општествената кохезија. Програмата опфаќа и дискусии во кои учесниците имаат можност да ги изнесат своите ставови, предлози и препораки, со цел стратешкиот документ да биде сеопфатен и да ги одразува реалните состојби и потребите на општеството – посочува Министерството.

