Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамките на работната посета на Брисел, оствари средба со Генералниот секретар на НАТО – Марк Руте на која ја реафирмирала посветеноста на македонската држава на НАТО и колективната одбрана.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката, таа посочила дека сојузничкото единство и силната трансатлантска врска се темелни предуслови за безбедноста на сојузниците.
Сиљановска-Давкова ја потврдила определбата за достигнување на целта за издвојувањето согласно Хашкиот план нагласувајќи дека континуирано вложуваме во модернизацијата на армијата, сајбер-отпорноста, новите технологии и заштитата на критичната инфраструктура.
Претседателката истакнала дека Коридорите 8 и 10 не се само инфраструктурни проекти, туку стратешки правци што ја поврзуваат регионалната соработка со безбедносните интереси на НАТО и Европската Унија, особено во контекст на воената мобилност.

Сиљановска-Давкова изразила задоволство од сертификацијата на Лесната пешадиска баталјонска група како борбено подготвена оценувајќи го тоа како потврда за професионалноста и способноста на армијата да придонесува во операциите предводени од НАТО, ЕУ и ОН.
– Повикувајќи се на искуството од членството во НАТО, таа укажала дека исполнувањето на високите сојузнички стандарди треба да биде пример за доследна примена на Копенхашките критериуми во процесот на европска интеграција – наведуваат од Кабинетот на Сиљановска-Давкова.
Претседателката ја реафирмирала поддршката за Украина и потребата од континуирана политичка, воена, финансиска и хуманитарна помош, во знак на сојузничка солидарност.
Според неа, сеопфатниот, праведен и траен мир мора да почива врз меѓународното право и Повелбата на Обединетите нации, а доследноста во почитувањето на овие принципи е неразделна од почитувањето на меѓународниот поредок.

