Во Кристалната сала на Собранието денеска се одржува завршен настан за методската единица за истражувачко новинарство – „Новинарство во акција, учиме за демократија“, дел од граѓанското образование за осмо и деветто одделение. Активноста се организира во соработка со Швајцарската програма за парламентарна поддршка и парламентарен институт. Учесници се три училишта – МААРИФ Меѓународно училиште – Скопје, ООУ Блаже Конески – општина Аеродром и ООУ Невена Георгиева – Дуња – општина Кисела Вода.
Роберт Скот Хејзелт, виш резидентен директор во Националниот демократски институт (НДИ) – Македонија, пред присутните нагласи дека новинарството и демократијата се блиску поврзани едно со друго.
– Едно демократско општество има потреба од луѓе, коишто имаат желба за повеќе сознанија, коишто прашуваат прашања, коишто бараат факти и коишто се умешни да разликуваат информација од дезинформација. Коишто не се плашат да бараат и да истражуваат прашања што се поврзани со нивните општества – истакна тој пред присутните.

Тој додаде дека преку програмата „Новинарство во акција“, учениците од овие основни училишта ги учат основните вредности на новинарството.
– Младите луѓе треба да ги разберат нивните права, да ги почитуваат правата на другите и да веруваат дека позитивната промена е возможна – рече Хејзелт.

Задоволство од денешниот настан изрази и собранискиот потпретседател, Антонијо Милошоски. Тој рече дека е добро што младите имаат можност непосредно во Собранието да практикуваат демократија.

– Демократијата не би била комплетна само со избрани претставници. Демократијата е комплетна кога надзор на тие избрани претставници се спремни новинари и медиуми. И затоа ни е особено драго што млади луѓе, денеска во улога на новинари, ќе ги претстават своите идеи, а ние како публика ќе можеме да оцениме што е вистинито, што е измислица, што е остварливо, што е можеби идеално, но, не толку применливо. И на крајот на краиштата, нашата голема желба е и задоволни сме што отвореното Собрание го разбива митот на затворените институции. Секој човек, ученик или наставник, кој ќе влезе во Собранието и ќе ни биде гостин, ќе биде само уште еден сведок повеќе, дека ова е отворена институција, каде што сите граѓани – вклучително и најмладите, можат да практикуваат демократија и потоа, тоа да ни биде корисно за целото општество – рече Милошоски.

Пред присутните се обрати и пратеничката Велика Стојкова – Серафимовска.
– Мене ми е денеска навистина голема чест и пред сѐ задоволство да се обратам на овој настан, затоа што покрај тоа што сум член на Комисијата за образование, наука и спорт при Собранието, исто така, јас сум член и на Комисијата за култура. А тие две области секогаш непосредно соработуваат. Денешната тема е многу значајна за развој на едно општество и за развој на вашата иднина како млади луѓе коишто имате свои надежи, свои визии, свои погледи каде сакате да одите. И она што е исклучително важно, е, во вашето образование и во вашиот понатамошен развој, да трагате по вистината и по вистинските информации – порача Стојкова – Серафимовска.

Таа додаде дека некои велат оти информацијата е најскапата работа.
– Но, вистинската информација и точната информација – всушност е најскапата работа. Јас кога растев, ние немавме дигитални википедии и „Гугл“ и „Чет-џи-пи-ти“. Но, имавме една прекрасна книга што се викаше „Илјада зошто, илјада затоа“ и имено од таа книга, секогаш ги баравме одговорите на нашите прашања како деца, а како деца, секогаш имаме многу прашања – додаде Стојкова – Серафимовска.

