Падот на Вучиќ во Србија и промената на политичката власт кај северниот сосед нема да ја попречат економската соработка со Македонија. Министерката за енергетика Божиновска децидно ги отфрли шпекулациите за каков било застој во изградбата на гасните интерконектори со Србија, но и со Грција, и потенцира дека двата проекта се реализираат според планираната динамика. Божиновска нагласува дека на двата стратешки проекта се работи интензивно, согласно зацртаното:
„Следната година, околу јуни 2027, треба да биде завршена трасата до Грција, тие 68 километри, а во август се избра и за северната граница, односно за тие 22 километри изведувач. Во 2028 година ќе биде завршена целата граница“, изјави Сања Божиновска – министерка за енергетика.
Двата енергетски проекта се клучни за Македонија, а нивната реализација ќе ја направи државата енергетски независна, но и стратешка во поширокиот регион, како енергетски крстопат. Ќар од ова ќе има домашната економија, но уште повеќе и граѓаните, кои во услови на енергетска стабилност и домашни капацитети за производство на електрична енергија добиваат гаранции дека нема да преживуваат ценовни шокови. Токму во оваа насока, според Божиновска, е и владината стратегија за инвестиции во енергетскиот сектор. Таа нагласува дека Владата прави напори да ги спречи ценовните шокови, а државната ЕСМ веќе имала обезбедено доволни количества природен гас за подолг период.
„Оваа Влада е мнгоу одговорна. Немаше никакви ценовни шокови, имавме најевтини цени на горивата. Тоа што компаниите поднесуваа до Регулаторна е едно. Значи вие можете да барате и да си дадете ваши пресметки, тука Регулаторната ќе одлучи и ќе види што ќе биде крајниот исход. А ние правиме се и тоа е преку ЕСМ, ЕСМ ги дава цените, што секогаш се многу поевтини, знаете дека ние кога дојдовме како Влада, за жал произведената електрична енергија беше над 135 евра за мегаавт час. Моменталната цена која ЕСМ ја продава е 65 евра, што значи ние свесно, само заради граѓаните, правиме големи отстапки во цените, значи повеќе од дупло поевтина ја продаваме цената. Ние ја следиме цената на гасот, меѓутоа и тоа на дневно ниво се менува. Со тоа што ЕСМ се закупува на подолг период гас“, изјави Сања Божиновска – министерка за енергетика.
Ние правиме сè, и тоа е преку ЕСМ. Тие ги даваат цените кои се многу поевтини. Моменталната цена по која ЕСМ го продава гасот е 65 евра, а ние како Влада го продаваме двојно поевтино. Што се однесува до гасот, ние на дневно ниво ги следиме цените, но тие се менуваат. ЕСМ има закупено гас за подолг период. ЕСМ преговара за подолгорочно снабдување со гас.
Во делот на гасоводот кон Грција, Владата веќе испорача цевки во должина од 64 километри. Осумнаесет километри се под земја, а заварени се уште 43 километри. Речиси целосно е завршена и експропријацијата, а во меѓувреме започнати се и подготовките за интерконекторот со Србија, кој на македонска територија ќе биде долг 23 километри. Кракот од Македонија до Грција се гради со инвестициски грант и заем од Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој. Конекцијата до Србија ќе се реализира со средства од државата преку НОМАГАС.

