Во организација на Општина Кисела Вода, Здружението за дислексија „АЈНШТАЈН“ и „Креативна куќа“, а во рамките на проектот „SkillCompass“, денеска во Салата на Општина Кисела Вода се одржа стручен едукативен настан насловен „Дислексијата во училиште, разбирање, препознавање на силните страни и насочување на учениците“. На обуката присуствуваа наставници, воспитувачи и претставници од стручните служби од општинските основни училишта и градинки, кои имаа можност да се стекнат со нови знаења, практични едукативни алатки и насоки за подобрување на инклузивниот процес.
Свои излагања на настанот имаа истакнати стручњаци од оваа област. Претседателот на Здружението за дислексија „АЈНШТАЈН“ и координатор на европскиот проект „SkillCompass“, Дамјан Николовски, ги претстави основните цели на проектот и важноста од рано препознавање на потенцијалите кај децата. За спецификите и влијанието на тешкотиите во учењето врз самодовербата говореше магистер Катерина Николовска, академски јазичен терапевт, специјалист за специфични тешкотии во учењето и ко-основач на Едукативно-терапевтскиот центар „Ајнштајн“. Таа истакна дека училишниот успех не ја покажува секогаш целосната слика за способностите на детето и дека е неопходно да се погледне зад тешкотиите со читањето и пишувањето. Во делот за инклузивното кариерно насочување, сертифицираниот кариерен советник и обучувач Катерина Златановска Попова, со своето над дваесетгодишно искуство, ги пренесе чекорите за тоа како наставниците можат правилно да ги насочат учениците при изборот на нивното идно образование и професија.

По завршувањето на предавањата се разви продуктивна дискусија меѓу присутните, а на сите учесници им беа доделени соодветни сертификати за учество. Со цел да се обезбеди континуирана системска поддршка, за сите наставници кои не беа во можност лично да присуствуваат е обезбеден бесплатен пристап до онлајн платформата „DysAcademy“ во рамките на проектот „Еразмус плус“, каде што целиот наставен кадар од општинските училишта може да помине обуки за работа со деца со дислексија, дисграфија и АДХД.

