Љубовта е движечка сила на човечкото постоење, темел на духовната зрелост и предуслов за автентичните односи меѓу луѓето. Еден од најсилните и најпознати описи на љубовта се наоѓа во Првото послание до Коринтјаните на светиот апостол Павле, глава 13 во пасусот познат како „Химна на љубовта“. Во него Павле потсетува дека и верата, и знаењето, и духовните дарови ја губат смислата ако во нив нема љубов. „Љубовта долго трпи, милостива е, љубовта не завидува, љубовта не се фали, не се гордее“ – зборови кои и по речиси две илјади години остануваат едно од најдлабоките сведоштва за христијанското разбирање на љубовта.
За значењето на љубовта во православното христијанство, но и пошироко, за нејзините различни пројави во човечките односи, границата меѓу жртвата и трпението, како и за нејзината улога во современите духовни и психолошки кризи, МИА разговараше со отец д-р Милан Ѓорѓевиќ, редовен професор по Философија, Пастирска психологија и Православно богословие XV–XXI век на Богословскиот факултет во Скопје.
Неодамна, поточно на 30 септември, православните христијани го прославија празникот кој во народот е познат како „Вера, Надеж и Љубов и мајка им Софија“, при што се вели дека љубовта е највозвишена од сите три, но дали има една апсолутна дефиниција за тоа што е љубов или тоа е нешто што не може да се дефинира, да се стаов во рамка со зборови.
– Постојат нешта во животот кои едноставно не можат да се дефинираат. Истовремено, тие можат да се искусат и може да се говори за тоа искуство. Љубовта подразбира токму едно такво искуство. Интересно е дека светите отци често говорат за љубовта како за космолошки принцип – начело преку кое Бог го создава и го устројува светот. Љубовта е, велат тие, сѐдвижечка сила, која ги приведува повисоките да снисходат кон пониските, еднаквите да општат меѓу себе, а пониските да се стремат кон повисоките. На тој начин се објаснува создавањето на светот: Бог, кој е над сѐ што постои, се стреми кон светот, го воведува во постоење и се грижи за него; внатре во Себе, троичниот Бог општи како Отец, Син и Свет Дух, а од своја страна и созданијата општат помеѓу себе. Конечно, сето создание, почнувајќи од човекот, се стреми кон Бога и кон заедницата со Него – вели отец Милан Ѓорѓевиќ.
На тој начин, додава тој, љубовта се јавува како причина и крајна цел на сѐ што постои.
Во тринаесеттата глава од Првото послание на светиот апостол Павле до Коринтјаните за љубовта не се зборува како за обично човечко чувство, туку како за темел на христијанскиот живот. За тоа што значо љубовта како израз на духовната зрелост, Ѓорѓевиќ вели дека човекот е повикан да дејствува согласно законот на љубовта.
-Светиот апостол Павле ни ја претставува љубовта како највозвишена добродетел. Човекот е повикан да дејствува во овој живот согласно со законот на љубовта, кој всушност претставува исполнување на религиозниот закон – појаснува тој.
Но да се живее според законот на љубовта, вели тој, потребно е созревање на личноста, која во своите постапки не се води исклучиво од награди и казни.
-Да се живее според законот на љубовта означува да се биде доблесен, не поради страв од казна или поради очекување награда, туку поради слободното приклонување на душата кон Бога и кон Неговата добрина. Така поставена, љубовта е способна да ги зачне и да ги зацврсти останатите добродетели кај човекот – појаснува тој.

Најважната лекција за децата почнува од љубовта меѓу родителите
За љубовта како една, но и нејзините подвидови, односно каде во тој контекст ги сместуваме љубовта кон партнерот, детето, родителот, пријателот, домашното милениче, природата, татковината, отец Милан Ѓорѓевиќ вели дека се е објаснето во двете главни христијански заповеди.
-Евангелието поставува две главни христијански заповеди: првата и најголемата се однесува на љубовта кон Бога, додека втората се однесува на љубовта кон ближните. Овие две заповеди стојат во заемна хиерархија: првата заповед ја условува втората. Љубовта кон Бога е предуслов за љубовта кон ближните, како што и љубовта кон претходните две е предуслов за љубовта кон сиот од Бога создаден свет. Овие пројави на љубовта навидум се различни, но тие се изрази на едната и единствена љубовна сила на човекот – сила која прави да можеме да општиме на сите нивоа на нашето постоење во овој живот – појаснува тој.
Често пати се вели дека љубовта на мајката кон детето е најслична на љубовта на Бога кон човекот или кон таа безусловна љубов, која се сака по секоја цена. Отец Милан Ѓорѓевиќ родителската љубов може да се разбере како икона на божествената љубов кон созданието и тоа важи и за мајката, и за таткото.
-Во Господовата молитва, Бог се именува како Отец, како Родител. Родителската љубов може да се разбере како икона на божествената љубов кон созданието. Тоа важи и за мајката, и за таткото. Секако, татковската и мајчинската љубов знаат да се манифестираат на различен начин, но и двете отсликуваат различни димензии на божествената љубов кон човекот. Како такви, тие се комплементарни – вели Ѓорѓевиќ.
Во тој контекст го потенцира значење на заедничката љубов меѓу родителите, како темел за формирање на здрава личност кај децата.
-Заедничката љубов меѓу родителите е особено важна во формирањето на личностите на децата, затоа што таа се отсликува во нивните животи. Родителите кои се сакаат меѓусебно, кои се поткрепуваат, кои ги разрешуваат конфликтите, а не дозволуваат да се отуѓат еден од друг, со тоа придонесуваат децата да се развијат како сигурни и стабилни личности, кои ќе можат да се справат со предизвиците во животот, користејќи ја самите љубовта како ориентир и движечка сила – нагласува отец Милан Ѓорѓевиќ.

Вистинската љубов не повредува, не понижува и не бара да се откажеме од себе
Христовата заповед „Возљуби го својот ближен како себеси“ подразбира дека човекот треба да има и здрав однос кон самиот себе. За тоа како да ја разликуваме здравата љубов кон себе си од себичноста, егоизмот и самобендисаноста, отец Милан Ѓорѓевиќ посочува дека ние не можеме да ја исполниме втората најголема заповед за љубовта кон ближните ако немаме љубов кон себеси.
-Многу убаво прашање. Уште во антиката, Аристотел вели дека човек не може да води доблесен живот ако не се љуби себеси – дури и оној што се жртвува за пријателите, тоа го прави затоа што се грижи да го сочува сопствениот образ и да се реализира себеси како доблесна личност. Евангелието, пак, имплицитно ни соопштува дека ние не можеме да ја исполниме втората најголема заповед за љубовта кон ближните ако немаме љубов кон себеси – појаснува Ѓорѓевиќ.
Додава дека порокот на себељубието ќе го препознаеме на тој начин што нѐ оддалечува од заедницата со другите.

Фрагмент од 1 Коринтјаните 2:11–3:5, од околу 200 година од н.е.
-Самољубието нѐ наведува да се сакаме само себеси, без да ги сакаме Бога и ближните. Всушност, тоа воопшто не би можело да се нарече љубов, бидејќи се спротивставува на основниот принцип на љубовта – заедничарењето – истакнува тој.
Апостол Павле во „Химната на љубовта“ ја опишува љубовта како долготрпелива, полна со добрина, без завист, гордост и себичност, која „сѐ претрпува“, но за тоа каде е границата меѓу жртвата и трпението, од една страна, и дозволувањето некој да нѐ повредува или злоупотребува, од друга, отец Милан Ѓорѓевиќ појаснува дека истовремено треба да бидеме мудри како змии и незлобиви како гулаби.
-Во Евангелието ни се вели да бидеме истовремено мудри како змии и незлобиви како гулаби (Матеј 10,16). Доколку бидеме само незлобиви, ќе бидеме наивни и подложни на манипулација. Доколку, пак, бидеме само како змиите, бездруго ќе станеме злобни – појаснува отец Милан Ѓорѓевиќ.
Како што вели втората грешка изгледа поочигледна, но и првата може да биде кобна.
Доколку човек не е мудар, може да направи многу лоши работи имајќи ги притоа најдобрите намери. Убава илустрација за ваквата грешка, додава тој, е изреката: „Патот кон пеколот е поплочен со добри намери“.
-Поради тоа, треба да се расте, да се расудува, да се преземе одговорност. Меѓу другото, колку што љубовта им прилега на незлобивите, така им прилега и на мудрите. Двете се надополнуваат и ни помагаат да ги пројавиме низ своите животи делата на љубовта – нагласува тој.

На современиот човек не му недостига друштво, туку искрени односи и вистинска блискост
Живееме во време на страв, осаменост, недоверба, поделби и силна потреба човекот да биде виден и прифатен. За тоа дали токму недостигот на љубов е една од причините за современите духовни и психолошки кризи, отец Милан Ѓорѓевиќ вели дека сите наведени потешкотии се директна последица од заладувањето на љубовта меѓу луѓето.
-Од отуѓувањето доаѓаат и недовербата, и поларизацијата во општеството, и егоцентризмот, и анксиозноста. Човекот е создаден да живее во заедница и во таа средина да остварува автентични релации, кои современата психологија ќе ги именува и како интимни. Интимноста е највисокиот степен на општење меѓу луѓето и не се однесува само на брачната љубов, туку го опфаќа секој квалитетен, искрен и отворен однос – нагласува тој.
Посочува дека секако, можеме да општиме и без да бидеме искрени и отворени, можеме целото свое време да го поминеме меѓу луѓе и повторно да се чувствуваме сами и празни.
-Љубовта е онаа што им придава смисла на односите со Бога, со ближните и со средината во која живееме, а со тоа му придава смисла и на нашиот сопствен живот – појаснува отецот.
Апостол Павле пишува: „Љубовта никогаш не престанува. Пророштвата ќе престанат, јазиците ќе замолкнат, а знаењето ќе мине…“, а отец Милан Ѓорѓевиќ вели таа вечна љубов, во континуитет, секако дека е можна.
-Не само што е можна, туку човекот е создаден да остане засекогаш во љубовта. Во едно од своите значења, зборот љубов означува состојба на непрекинато општење со оние што ги љубиме. Токму тоа е начинот на постоење во Царството Божјо, за кое се подготвуваме во овој живот.
Светот во кој живееме е променлив и нам ни е тешко од оваа перспектива да ја поимиме идејата за таквата постојаност. Но токму искуството на љубовта ни дава истовремено и можност да го претвкусиме Царството Божјо, кое не е од овој век – додава тој.

Апостол Павле
Нагласува дека тоа искуство ќе го доживееме уште во првите детски години, во прегратките на родителите, во играта со децата, во откривањето на светот околу нас и во воодушевувањето од него, во неделната литургија, во молитвата, во безвремените мигови поминати со саканата или со саканиот, со децата, внуците, во музиката и уметноста…
-Овој живот е исполнет со безброј мали прозорчиња низ кои можеме да погледнеме надвор од него и да го созерцуваме безвременото време на Царството Божјо. Љубовта, пак, во нас создава очи за гледање на таа стварност и раѓа во нас желба повторно и повторно да се навраќаме кон целта за која сме создадени: да љубиме без прекин – заклучува отец Милан Ѓорѓевиќ во својата анализа на „Химната на љубовта“ од Коринтјаните 1-13.

