Здружението „СТОП СМА Македонија“ денеска во Скопје ќе ја одржи осмата Годишна стручна средба на специјалисти и пациенти со спинална мускулна атрофија (СМА), посветена на новите можности во дијагностиката, лекувањето и грижата за лицата со ова ретко заболување.
Како што информираат организаторите, на средбата што ќе се одржи во хотелот „Хилтон“ со почеток во 11 часот, под мотото „СМА во нова ера – Од рана дијагноза до возрасна грижа“ ќе учествуваат претставници на институции, лекари и здравствени професионалци од повеќе области, како и лица со СМА и членови на нивните семејства.
Во фокусот на дискусиите ќе бидат новите терапии за СМА, неонаталниот скрининг, транзицијата од детска кон возрасна здравствена грижа, како и унапредувањето на пациент-ориентираниот пристап во третманот и поддршката на лицата со оваа болест.

