Македонската рок-група „Меморија“ на 23 октомври ќе одржи концерт во спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје, на кој ќе претстави поинаков аудиовизуелен концепт од претходниот голем концерт во арената „Борис Трајковски“. Како што беше соопштено на денешната прес-конференција, предвидено е настапот да трае речиси три часа и ќе опфати песни од различни периоди на македонската музичка сцена, како и специјални гости и нови изведувачки решенија.
Основачот на групата „Меморија“, Петар Георгиевски – Камиказа, најави дека ова ќе биде прв настап на бендот во салата „Јане Сандански“, со концепт што ќе ги поврзе различните генерации музичари и повеќе периоди од историјата на бендот и македонската рок-музика.

-Во „Јане Сандански“ по првпат ќе се случи „Меморија“ да свири. Тоа е единствената сала во која „Меморија“ досега нема свирено. Обично сите сали во кои сме свиреле, со исклучок на „Борис Трајковски“, неславно завршија во својата историја. За жал, во 2017 година бевме последните што свиреа во Арената „Метрополис“. Тоа беше концерт кој кај многу луѓе ги разбуди спомените од пред многу години, но за наше изненадување, беше концерт прифатен од многу генерации. Потоа и Универзалната сала, исто така по кратко време од нашиот концерт, замина во историјата. Се надевам дека салите што ги имаме сега ќе опстанат, се надевам дека ќе се изградат и нови, а ќе се обнови и Универзалната сала, за да има каде идните генерации да се чувствуваат достојно и да ја презентираат својата музичка уметност – посочи Георгиевски
Најави дека концертот ќе опфати музички содржини од времето на „Бис-Бис“, со песната „Дај да плачам и да пејам“, преку групата „Бонтон“, до поновите генерации музичари. Како гости се најавени Давид Тевловски, кој ќе го отвори концертот со група што ќе свири на виолончело, Игор Џамбазов и членовите на „Нонстоп“, кои во чест на Тоше Поп Симонов ќе ја изведат песната „По навика“.
-Ќе бидат опфатени работи уште од времето на „Бис-Бис“ со „Дај да плачам и да пејам“, преку групата „Бонтон“, тука да го поздравиме нашиот колега, гитаристот од „Бонтон“. Потоа од помладата генерација ќе следи Давид Темелков, кој ќе го отвори концертот. Нашиот генерациски другар Игор Џамбазов, заедно со нас, исто така ќе биде дел од ова. Во чест на нашиот пријател Тоше Поп Симонов, момците од „Нонстоп“ ќе ја изведат песната „По навика”, тоа е автобиографска песна на Тоше – рече Георгиевски.
Членот на групата Ристо Самарџиев истакна дека концертот ќе се одржи на датум што, како што рече, има посебно значење за македонската историја.
-Одлично е чувството што повторно ќе се видиме пред полна сала, за првпат во „Јане Сандански“. Особено е битен моментот што на сите посебно ни значи – концертот ќе биде на 23/24 октомври, во деновите поврзани со борбата и историјата на македонскиот народ. Ние во добар дел од сите наши изведби и настапи сме покажувале и твореле во правец на тоа колку ни се важни тие големи датуми од нашата историја – рече Самарџиев.
На концертот ќе настапи и гитаристот Рубин Димкоски, за кого Георгиевски рече дека со сопствено залагање патувал од Прилеп на пробите на бендот.
Димкоски посочи дека музиката е негов главен мотив и дека со задоволство работи со членовите на „Меморија“.
-Подобро се чувствувам додека свирам. Едноставно живеам за музиката. Покрај вакви музички легенди, вистинско задоволство е да се работи, а посебно кога си од нив пофален. Така што, баш ми е драго и би сакал уште многу вакви настапи. Патувањето воопшто не ми е проблем – рече Димкоски.
Дел од концертот ќе биде и Давор Јордановски, кој по враќањето од Канада повторно свири со групата. Јордановски најави дека на сцената ќе го донесе својот Хемонд-орган, со кој, како што рече, звукот на „Меморија“ добива поинаква димензија.
-Овој концерт за мене има две работи кои лично многу ми значат. Прво, се враќам во мојот стар маалски крај во Аеродром, во салата „Јане Сандански“, каде што како дете гледав како МЗТ игра кошарка. Втор голем мерак на душата ми е тоа што откако се вратив од Канада, звукот на бендот почна да „тежи“ повеќе кон Хемонд оргула (Hammond organ) отколку во минатите години. Со ќеф си го донесов Хемондот од Канада и сега ќе го качам на бина со „Меморија“ за да засвирам на 23-ти – рече Јордановски.
На концертот ќе биде присутен и тапанарот Саша Ангеловски – Сале, еден од оригиналните членови на групата, кој поради здравствената состојба нема да настапи во целосната концертна програма, туку ќе биде гостин. Георгиевски рече дека Ангеловски се опоравува и дека му се вратиле меморијата и сеќавањата.
Продуцентот и музичар Мите Димовски, кој учествува во подготовката на концертот и е дел од бендот, изрази надеж дека Ангеловски ќе се врати на сцената и дека во иднина повторно ќе настапат заедно.
-Концертот како концерт е секогаш голем предизвик. Некогаш се поинтересни и помалите концерти кои ги свиревме изминатиот период – некои беа во клубови, некои на отворено во Струмица, Радовиш, Охрид… Зимскиот концерт во Охрид беше посебен – имам слика како свириме на минус 10 степени, но имаше толку добра атмосфера, што повеќе ја паметиме добрата свирка отколку студот – рече Димовски.
Георгиевски информираше дека Министерството за култура го ослободило концертот од плаќање ДДВ и доделило финансиска поддршка од 209.000 денари, што, како што посочи, е прва таква поддршка за групата во нејзината 44-годишна кариера. Поддршка добиле и од Универзитетот „Скопје“ и Државна лотарија на Македонија.
-Благодарение на Државна лотарија на Македонија, цената на билетот е 600 денари, средствата што ги добивме ги искористивме за да ја спуштиме цената на картите на минимум. Досега продажбата оди одлично, повеќе од половина карти се веќе распродадени – рече Георгиевски.
Концертот е најавен за 23 октомври во спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје.

