Прекуграничната соработка и проектите во рамки на ИПА III, како и напредокот на земјава кон членство во Европската Унија беа меѓу темите на денешната средба на првиот заменик на претседателот на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари протоколарна средба со новиот амбасадор на Грција, Јоанис Малукос.
На средбата, како што соопшти МЕП, Сали му посакал добредојде и успешен мандат, изразувајќи подготвеност за продлабочување на соработката преку проекти што носат конкретни придобивки за граѓаните и бизнисите од двете земји.
Во фокусот на разговорот била прекуграничната соработка. МЕП потсетува дека во рамки на програмата Интеррег на Инструментот за претпристапна помош за периодот 2021–2027, со буџет од околу 30 милиони евра, се спроведуваат 20 проекти со учество на 38 партнери од земјава. Проектите го поддржуваат развојот на пограничните региони, заштитата на животната средина и соработката меѓу институциите и локалните заедници.

Посебно внимание било посветено на граничниот премин Маркова Нога–Лемос и дополнителните инвестиции во Преспанскиот Регион. Сали ја истакнал важноста на овие проекти за поврзувањето на заедниците, развојот на туризмот и создавањето економски можности. Биле разгледани и гасниот интерконектор Северна Македонија–Грција и модернизацијата на железничките врски долж Коридорот 10.
Во однос на процесот на пристапување кон Европската Унија, Сали ја потврдил посветеноста на реформите и спроведувањето на Реформската агенда. Тој ја нагласил потребата од кредибилен и предвидлив процес, заснован на заслуги, како и важноста на постепената интеграција што носи конкретни придобивки пред членството.
Министерот ја истакнал и можноста за обновување на соработката во рамки на Меморандумот од 2019 година за забрзување на процесот на европска интеграција.
-Размената на искуства и експертиза со грчките институции може да го поддржи јакнењето на административните капацитети и спроведувањето на европските политики – се додава во соопштението.

