Од март стартува директна авионска линија Дубаи – Скопје, трипати неделно, информираше денеска министерот за надворешна политика и надворешна трговија Тимчо Муцунски кој се наоѓа во посета на ОАЕ.
– Во рамките на работната посета на Обединетите Арапски Емирати, остварив средба со главниот комерцијален директор на „Флајдубаи“, Хамад Обаидала. На средбата беше официјално потврдено дека од март, „Флајдубаи“ ќе воспостави директна авионска линија Дубаи – Скопје, со три лета неделно. Се согласивме дека директната линија ќе отвори нови можности за унапредување на економските и трговските врски, привлекување инвестиции, како и за натамошно зајакнување на туристичката и културната соработка меѓу двете земји – напиша министерот на Фејсбук.
Муцунски истакна дека ова е конкретен резултат од активната економска дипломатија и заложбите за подобра поврзаност, а значајна улога во остварувањето на оваа цел имала и македонската Амбасада во Обединетите Арапски Емирати, преку посветена и континуирана работа во изминатиот период.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во рамки на посетата во Дубаи учествува на Форумот на иднителобални лидери, организиран од Светскиот економски форум во Дубаи на сесијата Trade in a Changing World.

