Верските слободи, еднаквиот третман и меѓуверскиот дијалог се темел на стабилно општество, се наведува во отчетот на Оливера Трајковска, директорка на комисијата за односи со верските заедници од ЗНАМ, по повод две години работа на Комисијата – повеќе соработка, функционални институции и конкретни резултати.
Движењето ЗНАМ – За наша Македонија продолжува да ја потврдува својата посветеност на одговорно, професионално и отчетно работење во институциите, со конкретни резултати во интерес на граѓаните и државата.
Во рамки на отчетот за две години учество во Владата, Оливера Трајковска, директорка на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи, ги презентираше резултатите од работењето насочено кон унапредување на верските слободи, меѓуверскиот дијалог и зачувувањето на духовното и културното наследство на Македонија.
Во изминатите две години, Комисијата реализираше 60 средби со верски лидери и претставници на институции и организации, 20 активности преку трибини, форуми, работилници и обуки, како и низа иницијативи за унапредување на законската рамка и образованието.
Меѓу позначајните активности се иницијативата за изборен предмет „Етика“ во образованието, предлозите за измени на Законот за правната положба на црквите и верските заедници, потпишувањето декларација за спречување насилен екстремизам и зајакнувањето на меѓународната соработка во областа на верските слободи.
Во завршна фаза се и дигиталната верска карта и Стратегијата за развој на верскиот туризам, а започнати се активности за формирање галерија – мини музеј на верските заедници и за систематско чување на документацијата од трајна вредност.
Политиката на ЗНАМ е јасна: институциите мора да бидат сервис на граѓаните, а не средство за привилегирање на поединци или групи. Тоа подразбира еднаков третман на сите верски заедници, почитување на различностите, доследно почитување на секуларниот карактер на државата и градење општество засновано врз заемна почит и соработка.
„Ниту една верска заедница да не биде привилегирана и ниту една да биде запоставена“ – е принципот по кој работи Трајковска, нагласувајќи дека функцијата не е цел сама по себе, туку одговорност што се оправдува со
работа и резултати.
За ЗНАМ, отчетноста не е формалност, туку обврска кон граѓаните. Две години работа се доказ дека одговорното управување значи конкретни активности, функционални институции и резултати што создаваат доверба.
Движењето ЗНАМ – За наша Македонија останува посветено на институционална одговорност, почитување на различностите и заштита на духовното и културното наследство, во интерес на граѓаните и на Македонија.

