Во Собранието денеска седница ќе одржи Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, на која треба да се разгледува Годишниот извештај за работата на Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за деца за состојбите во областа на правата на детето и детското престапништво за 2025 година.
Како клучен предизвик и во 2025 година, во извештајот од Државниот совет се посочува неисполнувањето на законската обврска за формирање општински совети за превенција на детско престапништво во голем број општини.
-Во голем дел на општини воопшто не се формирани општински совети, во мај дел се формирани, но не се активни и во многу мал дел од општините формираните општински совети навистина се активни. Главниот проблем е во отстуство на финансиски средства за остварување на нивните активности во буџетите на единиците на локалната самоуправа – се вели во извештајот објавен на веб-страна на Собрание.
Државниот совет констатирала дека и во текот на минатата година од одредени судови не биле доставувани податоци или биле доставувани несоодветни и нерелевантни податоци согласно индикаторите за следење на примената на Законот за правда за децата.
– Работењето на ДС во текот на 2025 година беше на седници кои се одржуваа со физичко присуство во просториите на Министерството за правда – се вели во извештајот.
Во Извештајот се предлага да се пристапи кон измени и дополнувања на Законот за локалната самоуправа со цел јасно да се утврдат надлежностите и одговорностите на градоначалниците и советите на општините во однос на формирањето и поддршката, како и обезбедувањето услови за ефективно и континуирано функционирање на општинските совети за превенција на детско престапништво.
Се препорачува и продолжување на поддршката од Државниот совет за доследно спроведување на законските, стратешките и програмските определби во областа на превенцијата на детското престапништво.
-. Градоначалниците и советите на општините/градот Скопје согласно Законот за правда за децата да ја исполнат законската обврска за формирање на општински совети за превенција на детско престапништво, изработка на Годишна програма за работа, поддршка на локалната самоуправа за непречено функционирање и остварување на планираните активности на новоформираните локални власти…- се посочува во Извештајот на Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за деца.

