Државниот јевен обвинител Ненад Савески, денеска на отворањето на Регионална конференција на УНОДЦ за прекугранична соработка и заштита на жртвите на трговија со луѓе во Западниот Балкан порача дека борбата против овој вид криминал бара брз, флексибилен и заеднички меѓународен одговор, бидејќи криминалните мрежи не познаваат граници и ги користат правните празнини меѓу државите.
Како што соопштуваат од ЈОРСМ, во своето обраќање Савески истакнал дека трговијата со луѓе е транснационален и исклучително суров криминал кој постојано се развива во нови облици, поради што традиционалниот и строго национален пристап веќе не е доволен за негово сузбивање.
– Трговијата со луѓе е криминал кој во суштина е транснационален, исклучително суров и постојано се развива во нови облици и форми. Затоа секој традиционален и строго национален пристап веќе не е доволен за борба против ваквите криминални дејствија. Криминалните мрежи не познаваат границии ефикасно ги користат правните празнини меѓу државите. Затоа, нашиот одговор мора да биде исто толку брз, флексибилен и единствен – истакнал Савески во своето обраќање.
Осврнувајќи се на предизвиците во кривичното гонење на овие дела, тој посочил дека надлежните институции често се соочуваат со јазични и културни бариери, нерешен правен статус на жртвите, потреба од обезбедување докази во други држави, како и ризик од секундарна виктимизација и дополнителна трауматизација на жртвите.
– На жртвата не смееме да гледаме само како доказ или сведок во судницата. Жртвите се човечки битија кои претрпеле тешка траума – нагласил Савески.
Тој оценил дека Западниот Балкан не смее да биде безбедна зона за трговците со луѓе ниту транзитна рута каде што се тргува со човечкото достоинство, додавајќи дека институциите имаат законски мандат и одговорност да го прекинат тој синџир.
Како клучни механизми за поефикасна борба против трговијата со луѓе, Савески ги посочил формирањето заеднички истражни тимови, директната размена на информации меѓу надлежните органи и спроведувањето финансиски истраги кои ќе ги следат криминалните активности и преку државните граници.

