Македонија се изнаслуша охрабрувачки пораки од Европската Унија, го променивме името со најави дека за три до четири години ќе станеме членка, но сега гледаме каде е државата, 20 години назад и се уште без започнати преговори. Одговарајќи на пратеничко прашање на Арбана Пашоли од ДУИ, премиерот Христијан Мицкоски порача дека Европската Унија останува стратешка цел на државата и во тој поглед нема никакво поместување, но уставните измени се возможни само со јасен и предвидлив крај, односно не само старт на преговори, без да знаеме што би не очекувало после тоа во целиот процес. И понуди на опозицијата и директно да учествува во дијалогот со Бугарија, односно да предложат представник кој би учествувал во разговорите со Софија.
-Не е сменет условот кој што се однесува на определбите, кои што се однесуваат со определбите од 2022-ра година, Владата од друга страна инсистира на обезебдување на дополнителни гаранции за уставни измени, кажа Пашоли.
-Пораки на отворени врати, пораки на отворени прозорци слушавме и во минатото и кога го менувавме името, и тогаш не убедуваа дека сме фронт ранери, дека сме толку напред со процесот што во периодот од три четири години ќе ги завршиме преговорите и само што не сме станале членка на ЕУ. Тие три четири години, поинаа пред три четири години, ние сме се уште таму каде што бевме пред 20 години, кажа Мицкоски.
Пратеникот на СДСМ Фатмир Битиќи праша колку државава користи средства кои НАТО ги дава за индустриите. Министерот за одбрана Владо Мисајловски кажа се користат парите на Алијансата, а со ново законско решение и ќе се дојде до уште поголеми финансии. Со нов закон за воена индустрија кој е во финална фаза се предвидува македонски компании да работат за нашата Армија, но и да излезат на било кој пазар и да продаваат во земјите членки на НАТО.
-Шест години македонското знаме се вее пред седиштето на НАТО во Брисел, под него стојат нашите војници и нивниот придонес во заедничката безбедност, но зад него стојат нашите инженери, производители и претприемачи, кажа Битиќи.
-Моментално правиме закон за воена индустрија, кој веќе го завршивме, ни е во конечна верзија. Со тој закон за воена индустрија планираме да направиме посебни зони, кои што ќе бидат во делот на нашите капацитети каде што имаме корисничко право и на тој начин да можеме да дадеме на компании да учествуваат и плус да субвенционираме за компании кои сакаат да работат различни делови на воена индустрија, кажа Мисајловски.
Премиерот Мицкоски од Собранието кажа и дека во моментов се работи на промена на перцепцијата кај европските партнери и на отворање простор за деблокирање на целиот процес на државава. најави дека следниот чекор ќе биде усогласување на Акцискиот план за малцинства, документ што, како што посочи, е прифатен од 26 земји членки на Европската Унија, но не и од Бугарија.
Матеја Петровски

