Македонската економија до крајот на годинава ќе расте побрзо од Светската. Најновиот извештај на Меѓународниот монетарен фонд го нотира потенцијалот на македонската економија. Наместо првичните 3,1%, монетарците сметаат дека до крајот на годинава, македонската економија ќе забрза и ќе донесе раст од 3,5%, што е значително повеќе од просекот за светската економија кој е позициониран на 3,1%. Позитивна ревизија на прогнозата за македонската економија претходно направи и Светската банка, која ги зголеми очекувањата за растот во 2026 година од 2,9 на 3,2 проценти.
Вложувањата во инфраструктурата, кратењето на непродуктивните трошоци и внимателното користење на јавните пари донесоа резултат кој го препознаа меѓународните финансиски институции. Политките за заштита на стандардиот на граѓаните и несмалениот интензитет во вложување на изградба на коридорите придонесоа за позитивната корекција во последниот извештај на Меѓународниот монетарен фонд.
Со најновата прогноза, државава го дели првото место со Албанија и Косово, на кои исто така им се предвидува раст од 3,5%, додека пак под нас се Србија, со очекуван раст од 3,2 отсто, Црна Гора 3 проценти, Бугарија 2,6, Босна и Херцеговина 2,3, Хрватска 2,2 и Грција 1,8 проценти.
Дека македонската економија испорачува повеќе во споредба со регионот, но и пошироко во Европа, во повеќе наврати нагласи и премеиерот Христијан Мицкоски. Ова според него е резултат на целосната посветеност на Владата за реализација на планот домашната економија не само да раасте, туку тоа да биде со одржливо и забрзано темпо. Потврда на тоа се и бројките но и проекциите во буџетот, кој и по вториот ребаланс останува со приоритетите, да се штеди каде има простор, за сметка на забрзана реализација на крупните инфраструктурни проекти. Па така буџетот има идентична проекција со онаа на ММФ за раст на економијата од 3,5%, со стабилен дефицит и потенцијал инфлацијата да продолжи да се намаклува.

