Општинскиот штаб за заштита и спасување на Куманово, на денешниот состанок побара координирано постапување на надлежните институции за деблокада на пристапот до депонијата „Краста“. Штабот бара отпадот од Куманово да продолжи да се одлага на депонијата Краста. Жителите на Пчиња и околните села најавуваат дека ќе продолжат со блокадата сè додека не се изгасне пожарот на депонијата и целосно не се реши повеќемесечниот проблем.

На денешниот состанок во Општина Куманово, на кој присуствуваа претставници на јавните претпријатија, полицијата, инспекциските и здравствените институции, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување и Основното јавно обвинителство, беа утврдени мерки за справување со состојбата на „Краста“, засилен надзор и спречување на последиците од нередовното собирање и депонирање на отпадот.

Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски денеска од депонијата Краста изјави дека Општината реагирала по поплаките на жителите од Пчиња, Студена Бара, Вак’в и Винце за континуираното димење и опожарување на депонијата. Тој кажа дека во активностите за справување со пожарот биле вклучени ЈП „Чистота и зеленило“, Територијалната противпожарна единица и општествено одговорни компании што обезбедиле градежна механизација и транспортни камиони со земја.
– Пред повеќе од седум дена имав интервенција од месното население кои се пожалија на континуирано димење и опожарување на депонијата. Веднаш реагирав кај директорот на јавното претпријатие и побарав итно да се санира состојбата. По два дена добив информација дека немаат доволно техничка опрема за да се справат со пожарот, кој се појавува секоја година – рече Димитриевски.

Тој посочи дека со ангажирање дополнителна механизација пожарот бил ставен под контрола, но дека кај депониите со големи количества наталожен отпад може да се појават нови жаришта поради насобраните гасови и метанот. Димитриевски оцени дека „Краста“ во моментов е во подобра состојба отколку во изминатите години, но нагласи дека Општината ќе продолжи со активностите за нејзино санирање. Тој посочи дека депонијата со децении се користи за одлагање на комуналниот отпад од Куманово, а управувањето со неа е во надлежност на ЈП „Чистота и зеленило“.

– На мое барање беше одржана итна седница на Советот, на која беа издвоени дополнителни финансиски средства за сервисирање на постојната механизација на депонијата, а во меѓувреме обезбедивме и дополнителна механизација – изјави градоначалникот.
Тој нагласи дека Општина Куманово нема друга локација на својата територија на која може законски да се одлага комуналниот отпад. Поради тоа, Општинскиот штаб го поддржал барањето на ЈП „Чистота и зеленило“, упатено до СВР Куманово на 8 октомври, за обезбедување непречен проток на камионите што го транспортираат отпадот од градот до депонијата. Тој кажа дека нередовното собирање на сметот може да предизвика дополнителни проблеми за градот и ризици за јавното здравје. На состанокот, како што рече, и претставниците на Центарот за јавно здравје укажале на потребата од превентивно постапување. Штабот побара Центарот да изготви информација за актуелната состојба и насоки за мерки со кои би се спречиле можните последици од нередовното собирање и депонирање на отпадот.

– Не можеме, решавајќи еден проблем, да отвориме огромен проблем за целиот град. Ги разбирам граѓаните и нивното право да протестираат, но должен сум да ги повикам институциите да постапуваат, за да може да се обезбеди вршењето на јавната услуга – рече Димитриевски. Тој на неформална средба пред депонијата ги повика жителите да овозможат влез на возилата на ЈП „Чистота и зеленило“ во деловите од депонијата каде што нема опожарување, додека продолжуваат активностите за гаснење и санација.
Од друга страна, жителите на Пчиња и околните места остануваат на ставот дека блокадата треба да продолжи сè додека не се изгасне пожарот. Стојан Стојковски, претставник на жителите рече дека протестите не се насочени против собирањето на отпадот во Куманово, туку против неговото одлагање на депонија од која повторно се шири чад кон населените места.

– Нашите ставови се јасни. Не се повлекуваме од блокадата додека не се изгасне опожарената депонија. Сметаме дека е кривично дело да се носи нов смет на опожарена депонија, а потоа повторно да дими кон селото и да се повтори истата ситуација. Шест месеци ништо не беше преземено, а по најавата за блокада почнаа да работат. Сега сакаат проблемот да го решат одеднаш – изјави Стојковски.
Тој најави дека жителите ќе продолжат со блокадата и во вторник, додавајќи дека локалната и централната власт треба да најдат начин за одлагање на отпадот на друга локација додека не се реши проблемот на „Краста“. Како една од можностите ја посочи депонијата „Дрисла“.

Општинскиот штаб заклучи дека сите надлежни институции, во рамките на своите надлежности и во меѓусебна координација, треба да ги преземат законските мерки за деблокада на депонијата. Од СВР Куманово е побарано да постапи по барањето на ЈП „Чистота и зеленило“ и да овозможи коридор за непречено движење на камионите што го носат отпадот.

Јавното претпријатие треба веднаш да обезбеди континуирано присуство на градежна механизација за третирање на депонираниот отпад со земја. Предвидено е и секојдневно доставување градежен материјал, вклучително земја и несогорлив шут од ископи, што треба да се распоредува над површината на отпадот донесен во текот на денот.

Штабот препорача поставување дополнителни камери за видеонадзор на влезот, излезот и пристапните делови на „Краста“, бидејќи постојните камери не се доволни. Предвидено е и поставување камери за дополнителен мониторинг, засилување на стражарските служби и физичкото обезбедување за да се спречи влез на неовластени лица. Во заклучоците е наведена и потребата од санирање на оштетените делови од заштитната ограда и поставување нова ограда на местата каде што ја нема. Директорот на ЈП „Чистота и зеленило“ е задолжен, во соработка со месното население, да формира мониторинг-група, односно еко-патрола, составена од претставници на месните заедници и невладини организации од Пчиња, Студена Бара, Вак’в и Винце. Групата треба во соработка со претставници на претпријатието да врши неделен мониторинг на состојбата на депонијата.

Димитриевски уште еднаш кажа дека барањето на жителите за целосно затворање на „Краста“ не може да се реализира веднаш, бидејќи Куманово во моментов нема друга локација за законско одлагање на комуналниот отпад. Според него, трајното решение треба да се обезбеди преку проектот за санација и затворање на постојната депонија, изградба на претоварна станица и воспоставување регионален систем за преработка и управување со отпадот.
Во проектот се вклучени 15 општини од двата региона, а за неговата реализација е формирано регионално јавно претпријатие. Димитриевски рече дека постапката за избор на компанија што треба да ги изведува градежните работи е во напредна фаза и дека документацијата е доставена до Делегацијата на Европската Унија, од каде што се обезбедуваат финансиските средства.

– Единственото трајно решение за оваа депонија е нејзино санирање и затворање, изградба на претоварен центар за отпад на овој простор и изградба на фабрика за преработка на отпад за двата региона, во кои се вклучени 15 општини. Целата постапка ја менаџира Министерството за животна средина и просторно планирање и треба да се провери до каде е – рече Димитриевски.

Тој најави дека доколку во следниот период не се најде решение за застојот во реализацијата на регионалниот проект, ќе побара од Советот на Општина Куманово повторно да ја разгледа одлуката за учество на општината. Како што додаде, Општината ги исполнила своите обврски во рамките на проектот, во кој учествува од 2015 година, но реализацијата зависи и од надлежните институции што ја водат постапката.

