Зад милијардите евра фрлени на апарати и коцкарници стојат лични приказни за зависност, долгови, депресија, друштво или нарушени семејни односи. Психијатрите предупредуваат – колку е полесен пристапот до коцкањето, толку е поголем ризикот од зависност. Експертите нагласуваат дека „коцката“ не е игра, туку сериозна болест што распаѓа семејства и уништува животи.
„Брз излез од сопствена ситуација, стил на живот, друштво, околности. Можеме коцкањето да го поврземе и со годините, достапноста, начинот на живот, забава, а кај возрасни внатрешни мотиви, разочарувања… Но сепак заедничка е замислата за брз излез од проблеми. Постојат биолошки и психички причини, брзо задоволство, бегство од одговорност, кај физички, се менува однесувањето, сите навики обврски се вртат околу коцкањето, секоја прилика околу коцкање се врти, а кај други можеби се работи и за друштво.“- вели психијатарот Адријана Богдановска Тоскиќ.
Дополнително што загрижува е што во коцкарскиот вртлог се повеќе тонат и младите. Причините за ова се различни. Но она што уште на прва боде очи е достапноста. На секој чекор има светлечки реклами и билборди со пораки за лесна заработка, што создава многу погрешна перцепција за лесен пат до пари:
„Достапноста игра своја улога, тргнува од ситни влогови, обложувања околу спорт, па дел од таа популација ќе отиде на се поголеми влогови, и тоа е решавање на досада, вишок време. Ова игра значајна улога во развивање на ваков тип на завист. Лекувањето треба да е мултидисциплинарно и да се вклучи и семејството.“- вели Богдановска Тоскиќ.
Упрвата за јавни приходи обелодени дека за половина година биле искоцкани 1,6 милијарди евра. Најголем дел од парите завршиле во електронски апарати за игри на среќа, но значителни суми и понатаму се вртат во казината и обложувалниците. Од јули годинава во сила е нов закон за игри на среќа што поставува нови правила. Но проблемот е што за тие да се спроведат има временска рамка до крајот на годинава. Па оттука и не чуди што вклучените во овој бизнис се уште купуваат време и не прават ништо за исполнување на обврските. Тие пвеќе нема да смеат да се рекламираат, да поставуваат билборди и светлечки реклами, ниту пак да работат во објекти кои се во близина до училишта. Експертите велат дека ова е клучна промена што мора да се спроведе. Приредувачите на игри на среќа сметаат дека дислоцирањето на објектите само по себе нема да го реши проблемот.

