Во спортската сала „Партизан“ денеска се одржаа традиционалните пензионерски спортски игри во организација на Општина Карпош, како дел од активностите за одбележување на 50-годишниот јубилеј на општината.
Како што соопштуваат од локалната самоуправа, на настанот присуствувале градоначалникот Сотир Лукровски и претседателот на Советот на Општина Карпош, Христо Саракинов, кои им посакале успех на учесниците и го поздравиле нивниот спортски дух и активност.
Лукровски во обраќањето истакнал дека пензионерите се инспирација за помладите генерации и нагласи дека најважни се дружењето, физичката активност и зачувувањето на натпреварувачкиот дух, додавајќи дека за општината сите учесници се победници.

– Гледајќи го овој спортски терен исполнет со позитивна енергија, насмевки и младешки дух, не можам, а да не кажам – вие сте вистинска инспирација за сите помлади генерации во нашата општина. Денес не е важна возраста, туку желбата за дружење, движење и зачувување на натпреварувачкиот дух. Сигурен сум дека ќе видиме одлични резултати, фер-плеј и многу спортска среќа во сите машки и женски дисциплини. Најдобрите тројца во секоја категорија ќе си заминат дома со заслужени пехари. Но, сакам да нагласам една работа – за мене како градоначалник, а верувам и за целата публика која е тука да ве бодри, сите вие денес сте победници – истакнал градоначалникот Лукровск
На спортските игри учествувале членови на пензионерските друштва „Карпош“ и „Тафталиџе“, кои се натпреварувале во повеќе дисциплини, меѓу кои шут на гол, фрлање ѓуле, трчање и скок во далечина, во машка и женска конкуренција.

