– Министерот за односи меѓу заедниците, Агон Ферати, за време на посетата на Тирана се сретна со претседателот на Собранието на Република Албанија, Нико Пелеши, со кого разговараше за унапредувањето на односите меѓу двете земји, институционалната соработка и прашањата поврзани со заедниците и општествената кохезија, информираат од Министерството.
Ферати истакнал дека поповрзан, посоработлив и поевропски регион се гради преку директен дијалог, размена на искуства и конкретни партнерства.
-Унапредувањето на односите меѓу двете земји на ново ниво е предуслов за уште поефикасно функционирање на Охридскиот договор“, била пораката што министерот Ферати му ја пренесе на претседателот на Собранието на Албанија, Нико Пелеши, за време на нивната средба во Тирана.
Во текот на разговорот, тие дискутирале и за важноста од негувањето на добрите односи меѓу двете земји и за потребата од конкретна институционална соработка, особено во прашањата поврзани со заедниците, животниот стандард, инклузијата и зајакнувањето на општествената кохезија.
Министерот Ферати изразил благодарност за гостопримството и за отворениот и содржаен разговор, кој се одржал во период кога Собранието на Албанија расправало и за законот за територијалната реформа на општините во Албанија.

Во рамките на Балканскиот бизнис-форум, Ферати се сретнал и со Јорида Табаку, една од водечките фигури на Демократската партија на Албанија, која ја опишал како личност која ужива голема почит кај меѓународните партнери.
За време на средбата, тие разговарале за соработката во рамките на европското политичко семејство и за заедничкиот пат кон Европската Унија.
-Ќе продолжиме заедно да чекориме по овој европски пат, истакнал Ферати, нагласувајќи ја важноста на соработката и партнерствата што придонесуваат за приближување на земјите од регионот кон Европската Унија.

