Направивме вонредни напори во соработка со одредени земји и директна комуникација со еден од европските производители и овој месец и во ноември ќе имаме обезбедено 56.000 вакцини за сезонски грип од планираните 80.000 вакцини. Од 56.000 вакцини за сезонски грип, 30.000 треба да пристигнат наредните 10 дена, а 26.000 околу 15 ноември. Количините што ќе ни бидат потребни за октомври и за ноември ќе ги имаме тука достапни – изјави денеска министерот за здравство, Сашо Клековски.
Вообичаено, потенцира, вакцинацијата последните три сезони сме ја почнувале во периодот од 16 до 25 октомври и со тие 56.000 вакцини ќе може да ја почнеме вакцинацијата во оваа рамка, најдоцна до крајот на октомври. Тој рече дека следните денови ќе работат и на надминување на проблемот со пријавувањето за вакцинација.
– Во однос на сезонскиот грип, исто така вчера објавивме дека во основа, поради доцнење на објавата на СЗО за соевите со кои ќе се вакцинира за сезонски грип оваа година, се доцнеше со постапките во целиот свет. Сите три соја во сезонскиот грип се нови соеви, што значи дека производителите во Европа и на другите места почнаа со задоцнето производство. Во Македонија ние повиците вообичаено ги објавуваме во периодот јуни – август по објавувањето на соевите, со тоа што на годинешниот повик не се јави ниеден производител или дистрибутер. Значи, оваа година повикот беше неуспешен и таква ситуација има во повеќе земји во регионот – рече Клековски.
Во врска со извештајот на Државниот завод за ревизија дека во основа сè уште нема одржување на „Мој термин“, појасни Клековски, во соработка со одржувачот, модулот за пријавување за вакцинација ќе биде активиран во наредните денови и тоа ќе овозможи да почне пријавувањето и истовремено течат подготовките за 25 октомври да почнеме со вакцинација против сезонски грип.
Тој истакна дека во меѓувреме работат да се обезбедат другите количини вакцини до планираните 80.000, бесплатни вакцини за ризичните групи и се надева дека ќе ги обезбедат во временската рамка ноември – почеток на декември кога сè уште е оптимално за вакцинација.
– Сè што ќе се вакцинира пред главната сезона на грип во јануари и февруари е во ред. Во моментот, според податоците што ги имаме, немаме заболени од грип. Имаме респираторни вируси, кои се во моментот активни, меѓутоа нема грип. Доколку пред да почнеме со вакцинација се појави ризик од грип, ние сме подготвени со план Б кај високоризичните групи да се применува превентивна терапија и третман против грип. Меѓутоа, очекувам дека ќе биде навреме сè тоа направено – додаде Клековски.

