Економската соработка, регионалниот развој и европската интеграција на Македонија биле теми на денешната средба на вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски со амбасадорката на Република Хрватска, Нивес Тигањ.
Како што соопшти Министерството за транспорт, двајцата соговорници ги потенцирале можности за унапредување на економската и трговска соработка како две земји со традиционални добри односи и создавање дополнителни врски меѓу компаниите.

Во делот на инфраструктурниот развој, министерот ја потврдил определбата на Владата за реализација на инфраструктурните проекти, со посебен акцент на капиталните инвестиции и нивното влијание врз регионален развој, подобрување на поврзаноста и создавање услови за економски раст.
-Хрватска останува важен партнер и поддржувач на европскиот пат на Македонија, како и на реформските процеси што се спроведуваат во земјата. Двете страни изразија подготвеност за унапредување на соработката во областите од заеднички интерес, во духот на традиционалното пријателство и партнерство меѓу двете земји, се наведува во соопштението.

