Општина Ресен во рамки на манифестацијата „Преспански јаболкобер“, денеска на градскиот плоштад одржа Базар на храна и производи од јаболко, подготвени од учениците во основните училишта, средното училиште и детската градинка во Ресен.
Градоначалникот на Општина Ресен Јован Тозиевски истакна дека посебна радост на манифестацијата приредиле најмладите, децата од ЈОУДГ „11 Септември“ – Ресен.
-Нивната искреност, креативност и детска енергија му дадоа посебна убавина на целиот настан. Богатата програма продолжи со забавна музичка програма, во која настапија учениците од СОУ „Цар Самоил“ го покажаа својот музички талент и младешкиот дух. Овој базар уште еднаш покажа дека „Преспански јаболкобер“ не е само манифестација посветена на нашиот препознатлив преспански плод, туку и празник на нашата заедница, традиција, младите и локалните производители, истакна градоначалникот Тозиевски.
Уметничката програма на годинешниот „Преспански јаболкобер“ продолжува вечер со настап на македонската музичка ѕвезда Лозано, утревечер на градскиот плоштад концерт ќе приреди хрватската музичка ѕвезда Данијела Мартиновиќ, а в недела ќе се одржи централниот настан кога на овошниот насад „Агромедика“ во селото Евла ќе биде откинато првото јаболко во Преспа.

