Подготвени сме за конструктивен дијалог и за решенија што градат доверба и носат конкретна корист за граѓаните од двете земји. Нашата позиција е добро позната и останува непроменета. Сакаме добрососедски односи, дијалог и соработка со Бугарија. Но, истовремено, сметаме дека билатералните прашања поврзани со историјата, идентитетот и националниот наратив не треба да го определуваат европскиот напредок на една земја кандидат. Ова го изјави заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски на првиот ден од Сесијата на 25-от Мешовит парламентарен комитет ЕУ-Македонија.
Димитровски повтори дека за земјава членството во Европската Унија останува стратешка определба и најважен надворешно-политички приоритет и оти тоа не е само политичка цел, тоа е избор за европски стандарди, функционални институции, владеење на правото, економски развој, повисок животен стандард и поголеми можности за нашите граѓани.
-Нашата порака денес е јасна: Македонија сака да биде членка на Европската Унија и подготвена е да го направи својот дел од работата во согласност со европските стандарди и критериуми. Очекуваме европскиот процес да биде кредибилен, предвидлив и заснован на заслуги. Процесот на проширување мора да се темели на исполнување на јасни критериуми, на конкретни резултати и на еднакви правила за сите кандидати – нагласи Димитровски.
Тој кажа дека граѓаните се силно проевропски ориентирани, но нивната европска определба мора да биде проследена со европска перспектива која е реална, достижна и заснована на резултати и оти во таа насока Владата останува целосно посветена на реформската агенда.
-Реформите за нас не се само услов што треба да го исполнуваме за да добиеме позитивна оценка од Брисел, тие се наша домашна работа, домашна потреба. Потребни се за поефикасно правосудство, посилна борба против корупцијата, подобро јавно управување, независни институции, поголема транспарентност и подобра заштита на јавниот интерес – рече заменик-министерот.
Во овој контекст, додаде тој, особено значење има спроведувањето на реформската агенда 24-та–27-ма и користењето на можностите што ги отвора Планот за раст за Западен Балкан. Според него, европската интеграција мора да се почувствува и во секојдневниот живот на граѓанинот и тоа значи подобра инфраструктура, подобра дигитална поврзаност, енергетска сигурност, подобри услови за бизнисите, нови инвестиции, работни места и можности за младите.
-Затоа европскиот пат не го гледаме само низ призмата на преговарачките поглавја, го гледаме и низ призмата на тоа колку побрзо ќе ги приближиме нашата економија и нашите институции до европските стандарди. Истовремено, сакаме да дадеме свој придонес кон европската безбедност – рече тој.
Димитровски потенцира дека државава е кредибилен и предвидлив партнер на Европската Унија и оти нашата целосна усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија е јасен доказ за тоа, а како членка на НАТО ја разбираме безбедноста како заедничка одговорност.
-Во услови на сериозни геополитички предизвици, Европа мора да биде обединета, отпорна и способна да ги брани своите вредности. Нашата држава не сака само да биде корисник на европската безбедност, ние сакаме и можеме да бидеме нејзин придонесувач. Во таа смисла, особено е значајно што сме првата земја од Западен Балкан која воспостави партнерство за безбедност и одбрана со Европската Унија. Тоа е признание за нашата улога, но и обврска да продолжиме со одговорно делување – посочи тој.
Димитровски се наврати на темата со Бугарија, која, како што рече, неизбежно е дел од нашиот европски разговор.

-Нашата позиција е добро позната и останува непроменета. Сакаме добрососедски односи, дијалог и практична соработка со Бугарија. Но, истовремено, сметаме дека билатералните прашања поврзани со историјата, идентитетот и националниот наратив не треба да го определуваат европскиот напредок на една земја кандидат. Македонскиот јазик, македонскиот идентитет и достоинството на нашите граѓани не можат да бидат предмет на политичко преговарање. Ова не значи отсуство на подготвеност за компромис, напротив, подготвени сме за конструктивен дијалог и за решенија што градат доверба и носат конкретна корист за граѓаните од двете земји – кажа тој.
Според него, потребен ни е нов пристап, пристап во кој ќе се фокусираме на она што нè поврзува и што може да нè придвижи напред, а Коридорот 8 е токму таков пример, како и инфраструктурното поврзување, енергетската соработка, трговијата, инвестициите, прекуграничната соработка и контактите меѓу луѓето се најдобра инвестиција во добрососедството.
-Нашата порака е дека треба да градиме мостови, а не нови бариери. Во овој контекст сакаме да видиме целосна и искрена имплементација на преземените обврски од сите страни и враќање на довербата во процесот. Сметаме дека европската перспектива на Македонија треба да биде двигател на добрососедските односи, а не нивна жртва – порача Димитровски.
Тој оцени дека регионалната соработка е уште еден клучен приоритет, Западен Балкан е европски регион и неговата стабилност, економски развој и поврзаност се директно поврзани со стабилноста и просперитетот на Европската Унија и затоа, рече, ја поддржуваме постепената интеграција на регионот во европскиот економски и политички простор.
-ЦЕФТА, Берлинскиот процес, Заедничкиот регионален пазар и Планот за раст не треба да се гледаат како замена за членството во ЕУ, туку како инструменти што ни овозможуваат да се приближуваме кон европскиот единствен пазар уште пред полноправното членство. За нас е особено важно граѓаните да ги чувствуваат придобивките од европската интеграција уште денес, а не само по формалното завршување на пристапниот процес. Поголема мобилност, подобри можности за младите, пристап до европскиот пазар, полесно движење стоки, услуги, капитал и луѓе – тоа се конкретните придобивки што треба да ги носи европскиот пат – изјави Димитровски.
Паралелно со тоа, додаде Димитровски, нашата држава продолжува да ја развива економската дипломатија. -Нашата надворешна политика мора да носи конкретни резултати. Тоа значи нови инвестиции, отворање пазари за македонските компании, поголема трговска размена и искористување на нашите стратешки партнерства – рече тој.
Димитровски исто така порача дека европската интеграција и економската дипломатија се две страни на иста политика, односно посилна економија и подобар животен стандард за граѓаните.
-Почитувани членови на Мешовитиот парламентарен комитет, веруваме дека Европа е посилна кога е обединета. Веруваме дека Западен Балкан е посилен кога е интегриран. И веруваме дека и Македонија има свое место во Европската Унија. Тоа е нашата стратешка определба. Тоа е нашата одговорност кон сегашните и идните генерации. И тоа е визијата кон која треба заеднички, со европските институции и со нашите партнери, да продолжиме да се движиме – рече Димитровски на првата сесија на Мешовит парламентарен комитет ЕУ-Северна Македонија што се одржува во македонскиот Парламент.

