Во Клубот на пратеници се одржа тематска работилница посветена на младите и креирањето и спроведувањето на младинските политики, со фокус на идните предизвици, менталното здравје и заштитата на младите во дигиталниот простор, организирана од Клубот за младински прашања и политики заедно со Канцеларијата на Обединетите нации во земјата.
Како што информираат од собраниската прес-служба, во работилницата учествувале претставници на ОН, УНДП, УНФПА, Светската здравствена организација и УНИЦЕФ, како и министерот за дигитализација трансформација Стефан Андоновски и директорката на Институтот за јавно здравје Марија Андоновска.

Во текот на работилницата била истакната потребата од навремено препознавање на долгорочните трендови и нивно соодветно вклучување во креирањето на јавните политики. Посебно било нагласена важноста од унапредување на меѓуинституционалната координација и координиран пристап во справувањето со предизвиците со кои се соочуваат младите.
Во делот на менталното здравје било нагласена потребата од рана детекција, навремена психосоцијална поддршка, намалување на стигмата и подобро поврзување на здравствениот, образовниот и социјалниот сектор. Воедно, биле разгледани предизвиците поврзани со онлајн-насилството, дигиталната безбедност и влијанието на социјалните мрежи и дигиталните платформи врз младите.
Во рамки на работилницата, како што се наведува во соопштението од Собрание, било истакнато значењето на досегашната соработка со меѓународните организации и институциите, со посебен акцент на соработката со Министерството за дигитализација. Било оценето дека континуираната соработка и размената на искуства меѓу институциите и меѓународните партнери претставуваат значајна основа за понатамошно унапредување на политиките и активностите насочени кон младите.

