Контроверзниот бизнисмен Љупчо Пецов – Ѓаволот, кој беше обвинет за финансиски малверзации, во август признал вина и е осуден условно, односно на затворска казна во траење од две години, но казната нема да се реализира ако обвинетиот во рок од пет години не стори ново кривично дело. Изречена му е и парична казна од 8.000 евра, а во наредните 10 години не смее да има фирма. Кривичниот суд потврди дека пресудата е донесена по признание на вина на 24 август, а станала правосилна на 21 септември. Пецов беше опфатен во случајот „Синџир“, а неговото бегство од истрагата подоцна се поврза со случајот во кој поранешниот државен правобранител Фехми Стафа беше обвинет дека барал поткуп за да му обезбеди поблага мерка. Стафа неодамна призна вина и доби една година и три месеци затвор. Во случајот е обвинет и судијата Ѓоко Ристов, кај чии родители, според обвинението, биле пронајдени 350 илјади евра. Судскиот процес против него е во тек.