Европскиот пат не се гради само со преговори, туку и со реформите што треба да се спроведуваат дома. Владата испорачува реформи во соработка со сите релеватни чинители во општеството, но очекува и примената на европските вредности кон нас да не бидат само на хартија. Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски во обраќање на 75-тата сесија на Националната конвенција за Европската Унија испрати порака дека европските вредности треба да ги чувствуваме секојдневно. Тој нагласи дека обврската на овој пат ја имаат сите институции во државата, од обвинителството, до општините кои треба да покажат напредок преку конкретни проекти и резултати.
„Добро е да соработуваме. Добро е да вложуваме во нашиот европски пат, но добро е принципите на нормалност, праведност, правичност, право, правда, еднаквост, реципроцитет, исполнителност и така натаму, кои се дел од основните принципи во рамките на еден нормален правен поредок, како што важат за останатите, така да важат и за нас“, изјави Панче Тошковски, министер за внатрешни работи.
Европската интеграција не завршува со усогласување на законите, туку значи промена на начинот на кој работат јавните услуги, порача министерот за правда Јетон Шасивари. Тој најави дека дел од реформите веќе имаат конкретни рокови – новиот Кривичен законик се подготвува и се очекува во првата недела од октомври да биде испратен на мислење, а паралелно ќе бидат деблокирани и измените на Изборниот законик.
„Европската интеграција не е само усогласување на законодавството. Таа е трансформација на институциите, на начинот на кој работиме и на начинот на кој граѓаните ги чувствуваат резултатите од реформите.Задачата пред нас е да одиме пошироко: од усогласување кон имплементација, од реформски обврски кон одржливи резултати и од европска перспектива кон европска практика. “, изјави Јетон Шасивари, министер за правда.
Конкретните области каде што според надлежните, треба да продолжат реформите се – правосудството и темелните права, правдата, слободата и безбедноста, како и борбата против корупција. Во рамки на сесијата, МВР и Европското движење во Македонија потпишаа и Меморандум за понатамошна соработка.

