Во рамки на активностите на постапката за репрогласување на националниот парк „Маврово“, на Шумарскиот факултет Ханс Ен“ се одржа работна средба на Научниот совет. Според директорот на НП „Маврово“, Харис Ибраими на средбата била актуализирана улогата на советот и неговиот придонес во активностите за репрогласување.
– Научниот совет во кој членуваат истакнати експерти има особено значајна улога во овој процес, бидејќи неговата задача е да обезбеди стручна, научна и аргументирана основа за одлуките поврзани со идниот статус и управувањето со националниот парк, изјави директорот Ибраими.

Тој посочи дека преку експертизата на научната и стручната јавност се согледуваат природните вредности на подрачјето, степенот на нивната загрозеност, потребите за заштита, но и можностите за одржливо користење на природните ресурси и развој на локалните заедници. На состанокот било заклучено дека Научниот совет треба да придонесе процесот на репрогласување кое ќе се темели на релевантни научни сознанија, стручни анализи и долгорочна визија, а не само на моменталните потреби и интереси.
Според директорот на НП „Маврово“, Харис Ибраими, во моментов се работи на изработка Туристичката развојна стратегија и барање начин да се финансира Студија за социо-економската анализа. Тој ја нагласува обврската за законско управување со најголемото заштитено подрачје во Македонија а со тоа и мислењето на стручната јавност.

– Она што ќе го направиме денес ќе биде мерка за тоа што ќе им оставиме на генерациите што доаѓаат. Затоа треба да го зачуваме НП Маврово не само како природно богатство, туку и како жив простор во кој и идните генерации ќе можат да живеат, да создаваат и да ги уживаат неговите вредности, вели Ибраими.
НП „Маврово“ е најстариот национален парк во земјава (прогласен е во 1949 година). Со измените на Законот за заштита на природата од 2013 година, сите заштитени подрачја мораат да добијат ново репрогласување со современи студии. Парковите Галичица и Пелистер поминаа низ ова постапка. Процесот, безмалку две децении се закочи несогласувања околу зоните за заштита (строга заштита наспроти економски активности) и ризици од неконтролирани активности, како што се сеча на шуми и изградба на мали хидроцентрали. Во неколку наврати од Министерството за животна средина и просторно планирање посочија постапката за повторно прогласување на Националниот парк Маврово треба да биде финализирана, со што ќе се исполнат законските обврски предвидени во Законот за заштита на природата и носење на План за управување како основен документ за работа на паркот.

