Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчера се сретна со двајца претставници на „Обединети Македонци во Канада“, претседателот Ристо Дурловски и членот Душко Јанков.
На средбата, како што соопшти Кабинетот на претседателката, Дурловски и Јанков ја запознале Сиљановска-Давкова со животот и успесите, но и со проблемите и предлозите на припадниците на македонската дијаспора, врзани за учеството во економските, политичките, образовните, научните и културните односи во татковината.
– Неоспорно е дека македонската дијаспора од Канада е неразделен дел од македонското национално ткиво, се согласија соговорниците – се вели во соопштението.
Претседателката ги информирала за усвоената национална стратегија за дијаспората како чекор напред во градењето заедништво преку разни форми на соработка, насочени кон нивно полесно и побрзо интегрирање во македонскиот општествен живот, како и за тековните активности во врска со формирањето на Советот за дијаспора во рамките на нејзиниот Кабинет, предочувајќи им ги можноста и потребата да номинираат свој претставник во него.

– Нашинците изразија интерес за учество на дијаспората на парламентарните и претседателските избори, за потесна комуникација со Агенцијата за иселништво, како и за интересот за институционално учество во процесот на одлучување во татковината, особено за прашања што директно ги засегаат, како, на пример, консултирање при номинацијата на амбасадор и конзули во Канада, но и за други – се вели во соопштението.
Исто така, во разговорот Дурловски и Јанков предочиле дека релативизацијата на географијата и далечината, со подемот на вештачката интелигенција и дигитализацијата, кај најмладите генерации на македонска дијаспора го зголемува интересот за запознавање, студирање, работа и живот во земјата на родителите и предците.

На крајот, претставниците на македонската дијаспора од Канада ѝ укажале на претседателката на обврската да ја посети Канада и на самото место да ги собере, види и чуе мислењата на нашите иселеници за прашањата што ги засегаат, а тие нејзините.

