Тркалезна маса на тема „Унапредување на родовиот паритет и борба против дигиталното насилство врз жените во политиката во Северна Македонија“, со учество на повеќе засегнати страни, денеска и утре ќе се одржи во Големата купола во Собранието.
На настанот во организација на Собранието и Интерпарламентарната унија (ИПУ), со поддршка од Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (СИДА), во рамките на проектот за поддршка на политичкото учество на жените во рамките на парламентот и преку неговото дејствување, воведни излагања ќе имаат претседателот на Собранието – Африм Гаши, Синтија Лопез Кастро – сенаторка, претседателка на Бирото на жените парламентарки при ИПУ (Мексико), Јована Тренчевска – претседателка на Клубот на пратеничките на Собранието и Жаклина Пешевска – претседателка на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите.
Во рамките на првата сесија: „Родов паритет во парламентот и политиката: меѓународни, регионални и национални рамки“ учесниците ќе се осврнат на напредокот постигнат во остварувањето на родовиот паритет, вклучително и преку спроведувањето на акцискиот план на ИПУ за родов паритет во парламентите. Во разговор со панел од експерти учесниците ќе ги разгледаат меѓународните, регионалните и националните рамки што придонесуваат за унапредување на родовиот паритет во политичкото учество и на лидерските позиции. Ќе ја разгледаат состојбата во Северна Македонија, со посебен осврт на постигнатиот напредок и на предизвиците што сè уште остануваат.
На втората сесија: „Пречки на патот кон родов паритет: стереотипите и негативните општествени норми во фокусот“, учесниците ќе разговараат за стереотипите и негативните општествени норми што го обликуваат политичкиот пат на жените и го попречуваат нивниот напредок кон постигнување родов паритет. Ќе разговараат и за тоа како родовите стереотипи, во комбинација со други фактори, може особено неповолно да влијаат врз жените од различна возраст и етничка припадност, жените од домородните заедници, жените со попреченост, мигрантките и жените со друг статус и да го ограничат нивниот пристап до парламентот, како и до други лидерски позиции и позиции на одлучување во политиката. Со помош на практични вежби и алатки, учесниците ќе утврдат начини и стратегии за справување со стереотипите и општествените норми што го ограничуваат политичкото учество и лидерството на жените.

