Општина Делчево и Чешко-македонската асоцијација за трговија потпишаа Меморандум за соработка, со кој се отвора можност за унапредување на економската соработка, привлекување инвестиции и воспоставување нови деловни партнерства меѓу Делчево и партнери од Чешка и други европски земји.
Меморандумот во Прага го потпишаа градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски и претседателката на Чешко-македонската асоцијација за трговија, Љиљана Јовановски Асенов.
Како што информира Гоцевски, со документот се поставува рамка за долгорочна соработка во повеќе области, меѓу кои економскиот развој, инвестициите, трговските односи, туризмот, претприемништвото и иновациите.
Целта е Делчево и поширокиот регион да бидат претставени пред нови деловни партнери како простор со потенцијал за инвестирање и реализација на развојни проекти, посочува Гоцевски.
Предвидено е преку соработката да се промовираат инвестициски можности и локации, да се подготвуваат проектни предлози и да се воспоставуваат контакти со компании и инвеститори заинтересирани за реализација на проекти во општината.
Во фокусот е и поддршката на локалните мали и средни претпријатија преку нивно поврзување со чешки и европски деловни партнери, размена на искуства и воспоставување трговски односи.
Меморандумот опфаќа можности за соработка и во туризмот, хотелиерството, гастрономијата, спортот и рекреативните активности, со цел поголема промоција на природните и културните потенцијали на Делчево и регионот.
Предвидена е и заедничка подготовка на проекти за финансирање преку европски, национални, регионални и други фондови и програми, како и соработка во областите на иновациите, дигитализацијата, енергетиката, зелените технологии, земјоделството и одржливиот развој.
Соработката ќе се реализира преку деловни средби, бизнис-мисии, конференции, презентации, саеми и работни состаноци, а во неа може да се вклучат и други општини, институции, стопански комори, асоцијации, универзитети и претставници на приватниот сектор.
За координација на активностите, двете страни ќе определат контакт-лица, а Меморандумот е склучен на неопределено време. Конкретните услови, обврски и финансирањето на одделните проекти ќе се уредуваат со посебни договори.
Според Гоцевски, потпишувањето на Меморандумот претставува основа за понатамошно воспоставување конкретни партнерства и реализација на проекти од интерес за Општина Делчево.

