Полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во координација со Одделот за специјални полициски операции- Единицата за брзо распоредување, под раководство на ОЈО ГОКК во текот на вчерашниот ден спроведоа полициска акција за сузбивање на криминална група инволвирана во криумчарење стоки и коруптивни кривични дела, во рамки на која врз основа на наредби од Основниот кривичен суд Скопје, извршени се претреси на повеќе локации во Скопје, Тетово и Гевгелија, при што од слобода се лишени шест лица, а при претресите се пронајдени и одземени над 100.000 евра, 16 плочки (златна боја), цигари и тутун без акцизни маркички, поголема количина лекови и суплементи, кои биле нелегално внесени во државата, повеќе мобилни телефони и други предмети.
Како што информираат од МВР, Единицата за финансиски криминал при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО за ГОКК поднесе кривична пријава против осум лица: М.С. (52) од Тетово, З.С. (42) од Гевгелија, А.С. (38) од Скопје, Б.Љ. (46) од Тетово, Е.А. (55) од Скопје, Д.Џ. (46) од Тетово, Б.А.К. (34) и С.С. (42) , двајцата од Р.Турција, за повеќе кривични дела, меѓу кои „криумчарење“, „прикривање на стоки кои се предмет на криумчарење“, „избегнување на плаќање акциза“, „примање поткуп“, „давање поткуп“, „производство и пуштање во промет штетни средства за лекување“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“.
За тројца од осомничените јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор, додека за тројца предложи мерки на претпазливост. Двајца осомничени, како што информираат од Обвинителство, во моментов се недостапни на органите на прогонот.
Во периодот од 2024 до 2026 година, првопријавениот М.С. организирал нелегално внесување и складирање на акцизна стока – цигари и тутун, како и нивна понатамошна препродажба. Во рамки на криминалните активности, преку давање поткуп на царинскиот службеник З.С., на членови на групата им било овозможено непречено пренесување на акцизна стока преку царинската линија без пријавување и плаќање на законските давачки, како и нелегално внесување на лекови и суплементи, наменети за продажба. Со дел од утврдените дејствија е предизвикана материјална штета на буџетот на државата, односно избегнати се царински давачки, акциза и данок на додадена вредност во значителен износ, а со пуштањето во промет без одобрение, упатство и рецепт, дел од производите предизвикале опасност за здравјето на луѓето.
Акцијата, како што информираат од Обвинителство, е резултат на докази обезбедени со анализа на податоците екстрахирани од мобилен телефон на првоосомничениот, одземен при претрес извршен во јануари годинава врз основа на претходно добиени оперативни сознанија. При тој претрес во неговиот дом биле пронајдени поголеми количини цигари, како и 30.000 канадски долари, 35.000 австралиски долари, 12.950 евра и 69.000 денари.
Во зависност од преземените дејствија, осомничените се опфатени за кривичните дела Криумчарење, Избегнување на плаќање акциза, Прикривање на стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама, Повреда на права на индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма, Производство и пуштање во промет штетни средства за лекување, Давање поткуп, Примање поткуп и Перење пари и други приноси од казниво дело.
Според доказите обезбедени во досегашната постапка, во периодот од 2024 до 2026 година првоосомничениот, избегнувајќи ја царинската контрола, преку царинската линија пренесувал непријавени акцизни стоки – цигари. Во криумчарењето му помагале повеќе осомничени, меѓу кои и царински службеник кој го информирал за своите смени, лентата на која бил распореден и за засилените царински контроли, овозможувајќи непречено пренесување на стоката. Криумчарените цигари потоа биле пуштани во промет без акцизни марки, а дел од осомничените ги купувале и препродавале иако знаеле дека потекнуваат од криумчарење.
Дел од истрагата, се вели во соопштението од Обвинителство, се однесува и на нелегална трговија со лекови и други производи. Првоосомничениот и третоосомничениот се осомничени дека неовластено увезувале, складирале и нуделе на продажба лекови, како и производи за подобрување на сексуалната функција и потенцијата. При претресите биле пронајдени поголеми количини препарати наменети за третман на дијабетес, срцеви и кардиоваскуларни заболувања, невролошки и психијатриски состојби, ревматолошки и автоимуни заболувања, заболувања на дишните патишта и воспалителни заболувања на цревата, како и антибиотици, кортикостероиди, хормонски препарати, инсулини, антикоагуланси и бензодиазепини. Пронајдени се и „KAMAGRA oral jelly“, кој се издава со лекарски рецепт, како и други производи за подобрување на сексуалната функција и потенцијата во форма на таблети, гелови, пасти, мед и чоколади.
Со преземените дејствија е причинета штета на Буџетот на државата по основ на избегнати царински давачки, акциза и данок на додадена вредност во значителен износ. Истовремено, со неовластеното пуштање во промет на лекови и други средства за лекување без потребните одобренија, упатства и лекарски рецепт, била создадена опасност по животот и здравјето на луѓето.
Истрагата опфаќа и случај на поткуп на ЦИ Богородица. Постои основано сомнение дека првоосомничениот му ветил парични средства на осомничениот царински службеник за да не изврши царинска контрола на возило во кое се пренесувале цигари. Царинскиот службеник го прифатил ветувањето и го пропуштил возилото без контрола, а во предавањето на парите посредувал шестоосомничениот, турски државјанин.
На првоосомничениот му се става на товар и Перење пари и други приноси од казниво дело, бидејќи постои основано сомнение дека ги прикривал паричните средства стекнати со криминалните активности со цел да го сокрие нивното потекло. При претресите извршени во рамки на вчерашната акција, во две метални сеф-каси скриени во спуштен плафон во неговиот дом биле пронајдени 86.200 евра и 16 плочки со златна боја. Во неговото возило дополнително биле пронајдени 6.465 евра и 62.000 денари. Со паричните средства пронајдени при претресот во јануари, во двата претреса кај првоосомничениот се пронајдени значителни износи готовина во повеќе валути, како и златни плочки.
При претресите кај останатите осомничени биле пронајдени и одземени цигари и други стоки за кои постои сомнение дека потекнуваат од криумчарење. Сите пронајдени предмети и парични средства кои се од значење за постапката се одземени и, како што информираат од Обвинителството, ќе бидат предмет на понатамошно вештачење и анализа.

