Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање на денешната седница го разгледа и му предложи на Собранието да го усвои Извештајот за реализација на годишната програма за работа и развој на Агенцијата за цивилно воздухопловство за 2025 година.
Директорот на Агенција за цивилно воздухопловство Драги Стојаноски образложувајќи го извештајот пред членовите на Комисијата посочи дека дава преглед на преземените активности за остварување на основните цели, стратешката определба и мисијата на Агенцијата во 2025 година, а во согласност со законските, подзаконските акти, статутот и релевантните меѓународни регулативи.
Тој посочи дека во насока на унапредување на кадровските потенцијали и задржување на соодветно ниво на стручност и подготвеност на вработените во Агенцијата, реализирани биле голем број обуки и стручни усовршувања за вработените.
– Агенцијата, врз основа на спроведена функционална анализа, воспостави и нова организациона поставеност заснована на националните и меѓународните важечки прописи, а пред сè во насока на исполнување на барањата на меѓународните воздухопловни институции во поглед на квалификуван персонал за исполнување на своите надлежности, истакна Стојаноски.
Информира дека во рамките на Агенцијата е формирана наменска организациона единица за тренинг и едукација, која треба да придонесе за целосно искористување на стручниот персонал во функција на пренесување на својата стручна подготвеност.

– Со потпишување на меморандум за соработка со воздухопловните власти во Сингапур, започнат е проект за оформување на регионален тренинг центар за цивилно воздухопловство, потпомогнат од искуството на Сингапурската академија за авијација како една од најреномираните тренинг академии за авијација во светот. Овој тренинг центар треба да започне со работа по соодветна адаптација на просторот во објектот кој со одлука на Владата е доделен како ново седиште за Агенцијата за цивилно воздухопловство, рече Стојаноски.
Потенцира дека постојано работат на дигитализација на процесите во Агенцијата, нивно усовршување, изработка на соодветни апликации и софтверски решенија за олеснување на работните процеси.
Во своето излагање директорот посочи дека независен ревизор не дал никаква забелешка за работењето на Агенцијата, освен за неможноста за упис на основачки капитал на Агенцијата во Централниот регистар согласно образложението на Централниот регистар дека не постои законски основ за упис на капитал, нешто што с епровлекувало низ годините.
Тој се осврна дека имало и значително зголемување на бројот на спроведени инспекциски надзори во 2025 година.
Според него, извршени се надзорни активности на некомерцијални летечки операции со комплексни воздухоплови, специјализирани услуги со воздухоплови од приватни и правни лица, специјализирани услуги со воздухоплови од страна на Дирекцијата за заштита и спасување, операции на генерална авијација, спроведени постапки и надзорни активности на центри за обука за летечки и падобрански персонал, одобрување на воздухопловни манифестации, активности со крила за слободно летање и параглајдерски натпревари, постапки за одобрување и надзор над активности со воздухоплови без екипаж (дронови), како и надзор на странски воздухоплови кои оперираат на меѓународните аеродроми во рамките на SAFA програмата.
Во извештајот, додаде Стојаноски, претставени се и активностите од областа на пловидбеност и регистар, сериозни и комплексни предмети кои се однесуваат на надзор на техничката исправност на воздухопловите и начинот на нивно одржување, како и надзор на домашни и странски овластени центри за техничко одржување во случај кога наши воздухоплови се одржуваат во странски центри за техничко одржување.
– Може да се погледне обемот на извршена работа од делот на дозволи и уверенија и воздухопловна медицина, а кои се однесуваат на постапки за утврдување на стручност и компетентност на воздухопловен персонал преку постапки за стекнување, продолжување и обнова на соодветни дозволи и уверенија кои персоналот мора да ги поседува за извршување на своите обврски, рече директорот на Агенцијата.
Даден бил и детален преглед на активности од делот на аеродромски услуги и инфраструктура, воздухопловна навигација и потрага и спасување.
– Во овие делови се опфатени сите постапки и активности кои секојдневно се преземаат од воздухопловните инспектори со цел соодветен надзор над давателот на услуги во воздухопловна навигација М НАВ и надзор како на меѓународните аеродроми во Македонија, така и соодветен надзор над спортските аеродроми и леталишта, истакна Стојаноски.
Според него, опфатено е обезбедување во воздухопловството и презентиран е извештај за спроведени управни постапки, проекти, домашни и меѓународни обуки кои се однесуваат на aviation security.
– Продолжуваме интензивно да работиме и на други проекти со цел зголемување на безбедноста, а во исто време и олеснување на процедурите за сите патници кои патуваат од македонските воздухопловни пристаништа, посочи директорот.
Во рамките на годишниот финансиски извештај за остварениот финансиски резултат на Агенцијата за 2025 година, состојбата до 31 декември била 514.624.525 денари, што покажувало зголемување за 28,37 отсто во споредба со 2024 година.
Во извештајот, нагласи, презентирани се вкупни приходи и расходи кои ги остварила Агенцијата во текот на 2025 година, како и остварена добивка пред оданочување. Во 2025 приходите се зголемиле за 94.512.746 денари или 32 отсто, а расходите за 11,88 проценти.
– Презентиран е и извештај за споредба за планирани и реализирани приходи и расходи во текот на 2025 година во кои може да се види дека Агенцијата остварила приходи за 17.275.014 денари повеќе од планираните, наспроти 88.099.397 денари помалку реализирани расходи во споредба со планираните, посочи Стојаноски.
Расходите пак, како што рече, биле согласно планираното, што според, директорот потврдува дека Агенцијата за цивилно воздухопловство работела финансиски стабилно и одговорно.
– Остварени се повеќе приходи од планираните, расходите се реализирани под планираното ниво, а добивката е резултат на ефикасно управување со ресурсите. Средствата беа насочени кон модернизација, дигитализација и зајакнување на институционалните капацитети, со што се создаваат услови за уште поефикасно извршување на законските надлежности и одржување на високо ниво на безбедност и сигурност во цивилното воздухопловство, појасни Стојаноски.
Одредени ставки, според него, имале ниска реализација поради планираните средства за приспособување на новиот објект, кој со одлука на Владата е даден на користење на Агенцијата, сè уште не е ставен во функција и не се отпочани активности за реновирање и адаптација за потребите на Агенцијата за цивилно воздухопловство.

