Мирот како дел од образованието – идеја што „Меѓаши“ ја гради веќе 15 години. Детската амбасада ја одбележува годишнината од воведувањето на Програмата за мировно образование во училиштата, преку која младите учат како конфликтите да ги решаваат со разговор, да ги прифаќаат разлчностите и да ги почитуваат ставовите на другите.
„Во едно конфликтно и ризично општество, како што е нашето и низ целиот Балкан, успеваме да создаваме поинаков мисловен и вредносен систем. Работиме на изградба на мир, мирно разрешување на конфликти и градење на доверба.“ вели Драги Змијанац, директор на „Меѓаши“.
Програмата на „Меѓаши“ започна во 2011 година со три училишта, а денес опфаќа 75 од нив, повеќе од 350 наставници и над 8.500 ученици. Надлежните велат дека за спроведувањето на мировното образование, најголема должност имаат наставниците – стекнатото знаење и вештините да ги пренесат на младите.
„Бројните наставници поминаа обуки и потоа училиштата реализираа содржини за ненасилно решавање на конфликти, прифаќање на различности, но и охрабрување на младите да поттикнуваат дијалог, толеранција, соработка.“, изјави Елена Ивановска, Државен секретар во Министерство за образование и наука.
Признание за долгогодишниот придонес во градењето на мирот, годинава добија две училишта – СУГС „Зеф Љуш Марку“ од Скопје и СОУ „Ванчо Прке“ од Виница. За успешно спроведување на активностите и нивниот ангажман, тие добија и парична награда, како и спомен-табли кои ќе бидат поставени на влезовите на училиштата.

