Реклама

Најскапи горива во ЕУ во последните две децении, владините мерки ги дрѓат под контрола цените во Македонија

Инспекторите на терен: Мерката „Училишната кошничка“ генерално се почитува

Прилепските средношколци претвораат отпад во био-храна и природни ѓубрива

Штип ги собира придобивките од Пастрмалијадата – полн град, полни капацитети и поттик за локалната економија

Стратешко партнерство со САД: Мицкоски од Вашингтон најави инвестиции

Мицкоски: Дата центрите се иднината, најсовремените се со воздушно ладење, жалам што постојат сили кои сакаат да не вратат во 19 век

Мицкоски: САД и администрацијата на Трамп ја гледаат Македонија како близок пријател

Мицкоски: Преку Македонија, Александрополи ќе се поврзе со Европа, ги договараме Чебрен и Галиште, се менува геостратешката положба на земјата

Мицкоски: Не се инаетиме со Бугарија, не сме тврдоглави, но тоа е двонасочна улица во која бараме решенија со предвидлив крај

Мицкоски од Вашингтон: Во Македонија и во оваа Влада, САД гледаат исклучително близок пријател во регионот и во Европа, нивната поддршка останува непроменета, договараме капитални проекти

Билатерални договори со земјите од ЕУ – засега единствено решение за проблемот на превозниците

Артан Груби и Перпарим Бајрами заедно во судница – судење за „Државна лотарија“

Македонија

Храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ – симбол на заштитничката на Скопје и сведок на подемите, разурнувањата и возобнувањето на градот

Со празнична вечерна богослужба во храмот „Рождество на Пресвета Богодорица“, а потоа…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Со празнична вечерна богослужба во храмот „Рождество на Пресвета Богодорица“, а потоа и со литија со иконата на Пресвета Богородица – Троеручица попладнево во 17:00 во Скопје ќе започне одбележувањето на празникот Рождество на Пресвета Богородица. Празникот, кој се слави на 21 септември, го чествува раѓањето на Мајката Божја и во православната традиција се смета за почеток на големите празници посветени на спасението на човечкиот род.

Пресвета Богородица во народното и духовното предание се доживува како заштитничка на мајките, жените и семејствата, но и како заштитничка на Скопје. Во нејзина чест, во центарот на градот е подигнат храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, познат и како „Света Богородица“ и „Пресвета Богородица Троеручица“.

Храмот, со својата богата историја, разрушувања и обновувања, и денес е место на молитва, собирање на верниците и сведоштво за духовниот и културниот живот на Скопје.

Реклама

За празникот, активностните поврзани со неговото одбележување и историјата на црквата разговаравме со нејзиниот старешина, протоереј стафрофор Трајче Петковски, кој од 2008 година служи во оваа црква.

Тој вели дека како и секој празник во Светата Православна Црква, празнувањето започнува претходниот ден со празнична вечерна богослужба во чест на Раѓањето на Пресвета Богородица.

Отец Трајче додава дека по завршувањето на вечерната служба, свештенослужителите ќе ја изнесат иконата на Пресвета Богородица – Троеручица, по што ќе се одржи свечена литија низ централното градско подрачје.

– На литијата ќе учествуваат свештеници од Скопската православна епархија, богослови, членови на КУД „Никола Јонков Вапцаров“ од Горно Лисиче облечени во македонски народни носии, оркестар, како и бројни верници од Скопје и од цела Македонија. Следниот ден ќе се отслужи празнична утрена богослужба и Света Златоустова Литургија, со молитвено присуство на Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима, г.г. Стефан – нагласи свештеникот.

Градбата на црквата во 1835 година врвен пример за колективен волонтеризам

Историјата на храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ е долга и исполнета со подеми, разурнувања и повторни изградби. Според историските податоци, првата црква на ова место ја изградил средновековниот владетел Добромир Хрс во 1204 година. Нејзината изградба ја довршил неговиот син Стрез во 1214 година. Овој храм постоел сè до 1688 година, кога бил разурнат од османлиските власти. Новата црква започнала да се гради во почетокот на 19 век.

Отец Трајче вели дека во првата половина на 19 век, Скопје се соочувало со сериозен недостиг на простор за верските потреби на православните христијани, бидејќи постојните цркви „Св. Спас“ и „Св. Димитриј“ биле со мал капацитет.

Во екот на големата обнова на сакралните објекти на Балканот, во 1834 година, додава тој, бил формиран Иницијативен одбор за изградба на нов, велелепен катедрален храм посветен на Пресвета Богородица.

-Клучната фигура во овој потфат бил угледниот трговец Хаџи-Трајко. Неговиот авторитет во Скопскиот пашалук бил толку голем што го сметале за втор човек по пашата. Како четиридецениски предводник и заштитник на христијанското население, тој, заедно со митрополитот Гаврил, издејствувал дозвола (ферман) од Цариград за почеток на градбата, појаснува отец Трајче.

Градбата, додава тој, започнала во 1835 година и претставувала врвен пример за колективен волонтеризам.

-Се градело деноноќно со невидена пожртвуваност на целото население — од најмладите до најстарите. Легендите велат дека благодарение на масовниот одзив, темелите биле поставени за само 24 часа. За изградбата била ангажирана прочуената тајфа на Рензовци-Зографски, кои создале монументално ремек-дело од делкан камен – раскажува отецот.

Храмот бил свечено осветен на 1 мај 1835 година. Покрај главниот ктитор Хаџи-Трајко, свој голем придонес дале и познатите трговци Јован Шишко, Трпе Патишкалија и Петре Зелениковски. Црквата со децении била срцето на градот, место каде се одвивале најзначајните верски и животни обреди на скопјани.

-За жал, оваа духовна гордост на Скопје доживеала трагична судбина во 1944 година, кога била ограбена и опожарена при повлекувањето на окупаторските сили. Иако неговата историја е исполнета со многу настани, храмот „Св. Богородица“ останува вечен симбол на скопската истрајност и духовност, вели отецот.

Од возобновувањето во 2008., храмот е жариште на интензивен литургиски и црковен живот

Загубата на овој духовен стожер длабоко се чувствувала меѓу скопјани. Отец Трајче вели дека со децении, желбата за обнова на светилиштето во срцето на Пајко Маало тлеела како незгаснат оган.

-Таа желба се преточи во реалност на 30 мај 2004 година, кога на празникот Духовден беше поставен камен-темелникот на новиот храм, автентична реплика на некогашната катедрална црква. Овој благороден потфат беше овозможен благодарение на ктиторството на истакнатиот хуманист и филантроп, г-дин Трифун Костовски и неговото семејство – вели свештеникот.

Свеченото осветување на возобновениот храм „Рождество на Пресвета Богородица“ се одржало на 31 јануари 2008 година, чин извршен од Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан, во сослужение со архиереите на МПЦ-ОА. 

Тој ден, споделува отецот, кој од првиот ден на обновениот храм служи во него, Скопје дишеше во знакот на духовната радост и благодарност.

-Оттогаш, храмот е жариште на интензивен литургиски и црковен живот. Тој беше домаќин на шестиот Семакедонски црковен собор во 2011 година и стана традиционално појдовно место за големиот Богојавленски водосвет и полагањето на крстот во водите на Вардар. Црквата стана омилено место за групни венчавки, но и за чествување на големи историски јубилеи, како што беше 1700-годишнината од Миланскиот едикт – вели отецот.

Една од најубавите традиции, додава тој, е возобновената празнична литија во пресрет на Мала Богородица.

-Во величествен од низ градските улици, иконата на Пресвета Богородица е придружувана од богослови, млади облечени во стихари и членови на КУД „Никола Јонков Вапцаров“ во раскошни народни носии – споделува отецот.

Врв на современата духовната историја на храмот е неодамнешното пристигнување на иконата „Света Богородица Троеручица“ од манастирот Хиландар, подарок од семејството Андрески.

-Пречекот на оваа светиња, предводен од Архиепископот г.г. Стефан и Хиландарскиот игумен, архимандритот Методиј, резултираше со најмасовната литија досега видена во Македонија, обединувајќи илјадници верници во заедничка молитва и славење – додаде отец Трајче.

Раѓањето на Пресвета Богородица е почеток на спасението и радост за целата вселена

Рождеството на Пресвета Богородица е еден од големите православни празници и во народот е познат како Мала Богородица. Се празнува на 21 септември, односно на 8 септември според стариот календар.

Празникот го одбележува раѓањето на Пресвета Дева Марија, која подоцна ќе стане мајка на Спасителот Господ Исус Христос. Според христијанското предание, нејзините родители Јоаким и Ана долго време немале деца. Во својата болка и надеж, тие постојано му се молеле на Бога да ги дарува со рожба. Нивната молитва била услишена, а раѓањето на Марија било доживеано како голема радост и благослов. Затоа, во црковното толкување, нејзиното раѓање се смета за почеток на исполнувањето на Божјиот план за спасение.

Рождество на Пресвета Богородица е првиот голем празник по почетокот на црковната година. Во духовната традиција се нарекува и почеток на сите празници, бидејќи со раѓањето на Богородица започнува патот што ќе води кон раѓањето на Спасителот.

Отец Трајче нагласува дека раѓањето на Пресвета Богородица е почеток на спасението и радост за целата вселена.

-Овој голем празник нè потсетува дека преку Неа, Бог Кој беше протеран од земјата од нас луѓето, од нашата прамајка Ева, повторно се враќа меѓу луѓето. Богомајката е нашиот „лек против смртта“ – Таа го роди Победителот на смртта, Господ Христос, и ни ги даде радостите на Рајот уште овде на земјата – вели тој. 

Свештеникот нагласува дека како што Богородица со своето раѓање ја објавила радоста на целиот свет, така и ние денес се радуваме што ја имаме за наша постојана Молитвеничка и Застапничка пред Бога.

-Затоа, ги повикувам сите православни верници да дојдат во заедничка молитва и со радост во срцата да го прославиме овој голем празник на нашата Мајка, Пресвета Богородица – воедно и заштитничката на градот Скопје. Нека нејзиното раѓање биде поттик за нас да го победиме гревот во себе, да се соединиме со Христа преку Светата Причест и да чекориме по патот на верата и љубовта. Под Нејзиниот покров, да измолиме мир, здравје и спасение за сите нас и за нашиот град. Честит празник, порачува старешината на овој храм, протоереј стафрофор Трајче Петковски.