Реклама

Најскапи горива во ЕУ во последните две децении, владините мерки ги дрѓат под контрола цените во Македонија

Инспекторите на терен: Мерката „Училишната кошничка“ генерално се почитува

Прилепските средношколци претвораат отпад во био-храна и природни ѓубрива

Штип ги собира придобивките од Пастрмалијадата – полн град, полни капацитети и поттик за локалната економија

Стратешко партнерство со САД: Мицкоски од Вашингтон најави инвестиции

Мицкоски: Дата центрите се иднината, најсовремените се со воздушно ладење, жалам што постојат сили кои сакаат да не вратат во 19 век

Мицкоски: САД и администрацијата на Трамп ја гледаат Македонија како близок пријател

Мицкоски: Преку Македонија, Александрополи ќе се поврзе со Европа, ги договараме Чебрен и Галиште, се менува геостратешката положба на земјата

Мицкоски: Не се инаетиме со Бугарија, не сме тврдоглави, но тоа е двонасочна улица во која бараме решенија со предвидлив крај

Мицкоски од Вашингтон: Во Македонија и во оваа Влада, САД гледаат исклучително близок пријател во регионот и во Европа, нивната поддршка останува непроменета, договараме капитални проекти

Билатерални договори со земјите од ЕУ – засега единствено решение за проблемот на превозниците

Артан Груби и Перпарим Бајрами заедно во судница – судење за „Државна лотарија“

Македонија

Митева по учеството на Академјата на EPP Women: За посилна Европа, посилни држави и поотпорни општества мора да го искористиме целосниот потенцијал на жените

Главната порака што ја носам од тука е дека силата на жените…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Главната порака што ја носам од тука е дека силата на жените не треба да ја мериме само според нивната присутност, туку според нивното учество и нивната способност да преземаат одговорност и да носат одлуки – вели претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ Марија Митева по учеството на тридневната есенската Академија на организацијата на жени на Европската народна партија во Атина.

Академијата на EPP Women се одржа од 17 до 19 септември со централната тема „Да ја искористиме силата на жените“, а по завршувањето, Митева говори за важноста жената да биде вклучена, не само во политиката, туку и во економскиот и општествениот живот, посочувајќи дека силата на жената е и силата на државата, говори за пораките, за разговорите, но и за идните стратешки приоритети и предизвици и на жените од Европската народна партија, но и на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ.

Вели дека жената не треба да ја гледаме само како корисник на економски мерки или како категорија што треба да биде застапена, туку треба да ја гледаме како носител на економски раст, иновации и развој.

Реклама

– Ако сакаме поконкурентна Европа, посилни држави и поотпорни општества, мораме да создадеме услови жените целосно да го реализираат својот потенцијал – посочува Митева.

За учеството на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ вели дека е особено важно да бидат присутни таму каде што се креираат европските политики и „да бидеме препознаени како активен и сериозен партнер“, но истовремено да се пренесат и нашите позиции, да зборувавме за иднината на Македонија, „затоа што можеме сериозно да придонесуваме во тие разговори“.

– Нашата цел е европските искуства да не останат само искуства што ќе ги слушнеме на конференција. Да ги претвориме во знаење, иницијативи и активности што можат да дадат резултат кај нас – објаснува Митева.

Додава дека треба да создадеме општество во кое силата на жените веќе е препознаена, искористена и одржлива, а особен акцент става и на лидерството на генерациите што доаѓаат, преку создавање систем во кој, како што вели, младите жени утре нема да мора повторно да го отвораат прашањето дали имаат можност да бидат на масата каде што се носат одлуките.

На маргините на Академијата, претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ оствари средби и со нејзини колешки од партиите од ЕПП, разговори за кои објаснува дека се еден од највредните делови на ваквите состаноци, бидејќи поконкретно разговарале за тоа како политиките се претвораат во реални активности во различни земји, но и за да се градат директни партнерства со сестринските партии во Европа, што е „основа за идни заеднички иницијативи, размена на искуства, политичка едукација и посилно поврзување на нашите членки со европското политичко семејство“.

– Верувам дека за многу брзо од денес Унијата на жени ќе биде домаќин на овие разговори, ќе ги продлабочува соработките во различни форми и ќе гради силен капацитет во рамки на нашата ВМРО-ДПМНЕ – посочи Митева.

Коментира дека токму фактот што во 2026 година сè уште одржуваме академии на тема „Да ја искористиме силата на жените“ укажува дека ова е работа која не е завршена, не само во Македонија, тоа е прашање кое се отвора насекаде.

„Да ја искористиме силата на жените“ беше централната тема на есенската Академија на организацијата на жени на Европската народна партија што се одржа во Атина, а на која учествуваше и Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ. Кои беа темите на состаноците, кои се предизвиците што беа во фокусот, но и кои се главните пораки што произлегоа од дискусиите?

– Темата посветена на зајакнувањето на силата на жените беше многу прецизно избрана, затоа што денес кога зборуваме за иднината на Европа, мора да зборуваме и за тоа како целосно ќе го искористиме потенцијалот на жените. Еден од главните фокуси на Академијата беше конкурентноста и учеството на жените на пазарот на труд. Тоа за мене е особено важно прашање, затоа што не смееме да си дозволиме половина од својот човечки потенцијал да не биде целосно искористен. Зборувавме за тоа како да се создадат повеќе можности за жените да бидат конкурентни на пазарот на труд, да останат активни, да напредуваат, да започнуваат сопствени бизниси и да доаѓаат до раководни позиции. Но, уште поважно, разговорот не беше само за бројки и статистики, беше за промена на перспективата. Жената не треба да ја гледаме само како корисник на економски мерки или како категорија што треба да биде застапена. Треба да ја гледаме како носител на економски раст, иновации и развој.

Разговаравме и за дигитализацијата и новите технологии, за тоа како жените да бидат дел од трансформацијата што ја носи дигиталната економија, но и за безбедноста и одбраната, особено во време на глобална неизвесност. Посебно внимание беше посветено и на демографските падови.

Главната порака што ја носам од тука е дека силата на жените не треба да ја мериме само според нивната присутност, туку според нивното учество и нивната способност да преземаат одговорност и да носат одлуки.

Затоа, за мене зајакнувањето на силата значи многу повеќе од мотивациска порака. Тоа е политичко и економско прашање. Ако сакаме поконкурентна Европа, посилни држави и поотпорни општества, мораме да создадеме услови жените целосно да го реализираат својот потенцијал.

Колку е важно учеството на вакви средби за размена на мислења и искуства со вашите колешки од другите европски земји, како и со раководството на EPP Women?

– За нас ова е продолжување на долгогодишното партнерство што го градиме со организацијата на жени на Европската народна партија, но истовремено и амбиција за уште поголема соработка, посилно поврзување и поголема видливост на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ во европското политичко семејство.

Ваквите средби се важни затоа што политиката не се гради во изолација. Кога разговарате со жените политичарки од различни европски земји, гледате дека дел од предизвиците се различни, но голем дел се исти. Сите се стремиме кон создавање услови за поголемо учество на жените, како да одговориме на демографските промени, како да обезбедиме безбедност во новото геополитичко опкружување.

И токму тука политичкото вмрежување има огромна вредност. Тоа не е само размена на контакти. Тоа ги јакне капацитетите, отвора пат за нови партнерства, овозможува размена на искуства и најважно, создава простор една добра идеја од една средина да стане применлива и во друга.

За Унијата на жени е особено важно да бидеме присутни таму каде што се креираат европските политики и да бидеме препознаени како активен и сериозен партнер. Да ги пренесеме нашите позиции, да зборувавме за иднината на Македонија затоа што можеме сериозно да придонесуваме во тие разговори.

Кои се стратешките приоритети на EPP Women за следниот период?

– Она што го препознав како заедничка стратешка определба е дека нашата вклученост мора да биде координирана и амбициозна, но и цврсто поставена врз вредности што ги споделуваме, правда, солидарност, еднаквост и вреднување на суверенитетот.

Вториот голем приоритет е економската стабилност. Не можеме да зборуваме за вистински силни жени ако не зборуваме за нивната финансиска писменост, пристапот до пазарот на труд и развојот на претприемништвото.

Потребни ни се економски силни политика кои даваат резултати, а истовремено создаваат општество кое отвора нови можности за жените да се развиваат, да преземаат одговорност и да водат. И секако, лидерството. Особено лидерството на генерациите што доаѓаат. Не треба само да создадеме простор за жените денес, туку да создадеме систем во кој младите жени утре нема да мора повторно да го отвораат прашањето дали имаат можност да бидат на масата каде што се носат одлуките.

Колку овие приоритети се совпаѓаат со приоритетите на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ? Каде гледате најголем простор за соработка и за примена на европските искуства кај нас?

– Се совпаѓаат во суштина, а тоа е и најважната работа. Кога го поставувавме концептот „За една повеќе“, идејата беше токму да отвориме простор за една жена повеќе која ќе преземе одговорност, за една жена повеќе која ќе добие можност, за една жена повеќе која ќе влезе во политика, во бизнис, во институциите. Но, тоа не значи само бројка. Тоа значи промена во начинот на кој го разбираме учеството.

И тука се поврзува со пораката дека не е доволно жените да бидат присутни. Треба да учествуваат. Од учество треба да дојдеме до лидерство, а лидерството треба да значи реална одговорност и реална моќ на одлучување.

Тоа е концептот што сакаме да го градиме и во Унијата на жени, повеќе учество, повеќе одговорност и повеќе можности.

Најголем простор за соработка гледам токму во политичката едукација и вмрежувањето, но и во темите кои се важни за политичката агенда на жените како безбедноста, дигитализацијата, вештачката интелигенција и демографијата.

Нашата цел е европските искуства да не останат само искуства што ќе ги слушнеме на конференција. Да ги претвориме во знаење, иницијативи и активности што можат да дадат резултат кај нас.

Ако треба да издвоите една лекција или порака од европските партнери што би сакале да ја примените дома, која би била?

– Сакам да продолжиме многу повеќе да инвестираме во капацитетот на жените, во знаење, политичко лидерство, претприемништво и меѓусебно поврзување. И сакам да ја пренесеме и европската порака дека жените не треба да бидат гледани како група на која треба да ѝ се даде можност. Жените се човечки капитал на една држава. А ако не го користите целиот човечки капитал што го имате, не можете да бидете ниту конкурентна, ниту силна држава.

Покрај официјалната агенда на Академијата, имавте ли можност за одделни средби со претставнички и претседателки на организации на жени од други европски земји? Што е она што произлезе од тие разговори?

– Да, и токму тие разговори се еден од највредните делови на ваквите средби. На официјалните панели разговараме за големите европски политики, но на билатералните средби можеме многу поконкретно да разговараме за тоа како тие политики се претвораат во реални активности во различни земји. За мене е особено важно што како Унија на жени градиме директни партнерства со сестринските партии во Европа. Тоа е основа за идни заеднички иницијативи, размена на искуства, политичка едукација и посилно поврзување на нашите членки со европското политичко семејство.

И верувам дека токму така се гради влијание, не само преку големи конференции, туку преку доверба и континуирани и конкретни соработки. А верувам дека за многу брзо од денес Унијата на жени ќе биде домаќин на овие разговори, ќе ги продлабочува соработките во различни форми и ќе гради силен капацитет во рамки на нашата ВМРО-ДПМНЕ.

За последното прашање ќе го искористам насловот на есенската академија: Дали Македонија доволно ја користи силата на жените?

– Мислам дека токму фактот што во 2026 година сè уште одржуваме академии со тема „Да ја искористиме силата на жените“ ни кажува дека ова е работа која не е завршена. И не само во Македонија, тоа е прашање кое се отвора насекаде. Но, јас би сакала да гледаме чекор подалеку. Нашата цел не треба да биде постојано да зборуваме како да ја зајакнеме силата на жените. Треба да создадеме општество во кое таа сила веќе е препознаена, искористена и одржлива.

Денес зборуваме како да им дадеме на жените поголем простор. Утре треба да зборуваме како тој простор да го одржиме и како да создадеме уште повеќе простор за оние што доаѓаат после нас.

Затоа за мене „За една повеќе“ не е само порака за денес. Тоа е политички концепт за континуитет, една повеќе денес, една повеќе утре, една повеќе која ќе преземе одговорност, ќе води, ќе создава и ќе отвора врата за следната. А кога ќе дојдеме до моментот кога повеќе нема да мора да прашуваме дали ја користиме силата на жените, туку едноставно ќе ја препознаваме како составен дел од политичката, економската и општествената сила на државата тогаш ќе знаеме дека сме направиле вистинска промена.