Општина Кисела Вода, во соработка со Здружението „Хема-онко“, денеска во Драчево организира едукативна трибина под мотото „Заедно за рано откривање, заедно за живот“. Со ова, се означува почетокот на кампањата „Розов Октомври“ која стартува од општина Кисела Вода, а ќе заврши со голем Розов пикник на Школка во Градскиот парк.
Како што соопштуваат од Кисела Вода настанот е посветен на подигнување на јавната свест за превенција, рано откривање и навремено лекување на малигните заболувања, а ќе се одржи со почеток во 13 часот во „Паркот на бранители“ во населбата Драчево.
Присутните ќе имаат можност да слушнат корисни совети и лични искуства преку излагањата на Наташа Бабулова, која ќе ја сподели својата борба како лице со рак на дојка и членка на „Хема-онко“, како и низ обраќањата на стручните лица: спец. д-р Албина Чресловник Пупакоски, на медицинската сестра Јасмина Јовческа од ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија, и д-р Славица Чалчевска, радиолог, супспецијалист и интернист од ГОБ „8 Септември“.
Од Општината ги повикуваат сите граѓани да присуствуваат, да се информираат и да дадат поддршка, бидејќи превенцијата и навремената дијагностика се најважни во битката за животот.
-Со овој настан се означува почетокот на кампањата „Розов Октомври“ која стартува од општина Кисела Вода, а ќе заврши со голем Розов пикник на Школка во Градскиот парк. Активностите посветени на оваа важна тема ќе продолжат, па така, по трибината во Драчево, ќе се одржи уште една на 26 септември во околината на општината – додаваат од Општината.

