Познатата македонска поетеса, слемерка и преведувачка Елена Пренџова ја збогати домашната книжевна сцена со својата нова интерактивна книга „Намќореста есен на прагот од градот“. Станува збор за уникатно тријазично издание (на македонски, српски и на англиски јазик), коe претставува синтеза од поезија, визуелна уметност и едукација. Книгата содржи 150 хаига-илустрации и задачи за креативно пишување претворајќи го читањето во живо дидактичко и уметничко искуство.
Што е хаига? Спој на стих, цртеж и моментна инспирација
Традиционално потекнувајќи од јапонската уметничка пракса, хаига претставува уметничка форма во која кусиот поетски стих и сликата (цртеж, акварел, илустрација или графика) егзистираат во нераскинлива целина. Сликата не е само обична илустрација на текстот, туку ги надополнува и проширува неговите значења. Во збирката на Пренџова кусите поетски записи им претходат на цртежите создавајќи визуелно-поетски дневник што бележи 150 дена и мигови – од секојдневните урбани слики, патувањата и природата, па сѐ до подлабоки филозофски откровенија.
За разлика од класичната самотија својствена за дневничките записи, авторката одлучува да ги отвори вратите на својот свет за читателите поттикнувајќи ги самите творечки да реагираат. Зорија Петкоска, поетеса, главен и одговорен уредник на Tokyo Poetry Journal и основачка на фестивалот Tokyo Poetry Week, во својата рецензија ќе запише:
„Дневник исполнет со пријатното секојдневие, но и со непријатностите на животот, кој опфаќа сѐ од вековната традиција на пишување за време на патувањата до ламентација поради тешкотиите на современото општество. Меѓутоа, за разлика од самотијата и повлекувањето карактеристични за дневникот, Пренџова одлучува да ги пушти луѓето внатре во својата глава, во својата книга да визуализираат, создаваат, учат и да се инспирираат. Можеби најзагадочното прашање е: Што ќе направите откако ќе ја прочитате книгата?“

40 уметници и едно дете создадоа автентични хаиги
Еден од најпрепознатливите сегменти на ова издание е неговиот визуелен идентитет. Поетските записи прераснуваат во хаига-творештво преку илустрациите на дури 40 автори – академски сликари, дизајнери, архитекти, аматери, па дури и едно дете (Марија Елисковска, родена 2016). Меѓу нив се издвојуваат илустрациите на познатиот македонски писател Христо Петрески, како и на Владимир Темков, Симонида Филипова-Китановска, Владимир Мартиновски, Ване Костуранов, Срѓан Миќиќ, Марија Јелиќ и многу други.
Корицата е дело на архитектонскиот илустратор Симон Калајџиев, во графички дизајн на Горан Јованов, а текстот е обликуван со автентичниот фонт Poema MK на Ласко Џуровски.
Личен печат и творечки поттик
Говорејќи за настанот и процесот на создавање, самата авторка Елена Пренџова го истакнува секојдневниот творечки поттик кој стои зад овие хаига-записи:
„Ова е поезија на мигот; на она што е присутнo, а ретко видливо. Тоа е бавно темпо и уживање во секојдневието. Последната, 151. хаига, беше додадена речиси цела година подоцна, по иницијатива на татко ми Слободан, по силниот ветер што го зафати Скопје и остави откорнати дрвја. Сфатив дека овој вирус на творење бргу се пренесува и дека оваа уметничка форма во никој случај не е привилегија само на професионалните поети“, пишува Пренџова во предговорот на книгата, која вчера излезе од печатница, а в сабота ќе биде и нејзината промоција.
„Силниот ветер
ги откорна дрвјата –
град во молк и крш“

Поетскиот пат на Пренџова
Елена Пренџова е дипломиран професор и магистер по филолошки науки од Скопје. Нејзиниот богат опус опфаќа над десет поетски книги, меѓу кои „Јас“ (2006), „Пораки од морето“ (награда „Бели мугри“, 2011), „Живот под ѕвездите“ (2013), „Политички коректна поезија“ (награда „Даница Ручигај“, 2014), „Љубољубна“ (2014), „Шшш! Интимистичка вајбер-поезија“ (2018), како и интерактивната збирка „Еден маж и една жена…“ (2022). Таа е долгогодишен пионер и организатор на слем-поезијата во Македонија и македонски претставник на Европското слем-првенство во 2016 година.
Книжевната критика уште со нејзините претходни збирки ја дефинира нејзината поезија како изразено урбана, директна и посветена на предизвиците на современото градско живеење. Рецензентите и проучувачите на нејзиниот опус често истакнуваат дека Пренџова успешно го спојува традиционалниот стих со модернистичкиот илустративен израз носејќи автентична провокативност и творечка храброст на македонската поетска сцена.


