Од 29 септември до 2 октомври 2026 година, во Скопје ќе се одржи голема меѓународна конференција, насловена како „Европски дијалози, eвропско наследство и иднина“, во организација на Францускиот институт во Париз, Францускиот институт во Скопје и Амбасадата на Франција во земјава.
Четиридневна програма на јавни дебати, предавања, средби, разговори и културни настани, која на едно место ќе собере истражувачи, новинари, активисти, уметници, студенти, дипломати и институционални претставници од Франција, Северна Македонија и други европски земји. Ова издание, како завршен настан од програмата „Споделени хоризонти“, ќе се занимава со прашањата за заедничкото европско наследство, различните форми на припадност и европските хоризонти. Во фокус ќе бидат прашањата: Каква историја споделуваме? Кои заеднички борби и барања ги имаат европските граѓански општества? И каква иднина предвидуваме за Европската Унија и нејзините граѓани?, стои во соопштението од Францускиот институт во Скопје.
Програмата е конципирана во различни формати: од затворени работни сесии и работилници, наменети за учесниците, до јавни дебати отворени за пошироката публика, со што се овозможува и продлабочена интеракција со публиката.
Отворањето на „Европските дијалози“ е на 29 септември 2026, во 19:00 часот во Музејот на современата уметност – Скопје, со изложбата „Солидарноста како иднина“. Изложбата ќе биде официјално отворена од страна на Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи, и Кристоф Ле Риголер, Амбасадор на Франција.
Учеството на јавните настани е отворено за заинтересираната публика со претходно пријавување.
Линковите за пријавување за секој од програмските денови се достапни преку официјалната веб-страница на Францускиот институт во Скопје.

