– Агенцијата за пошти успешно ја реализира промотивната активност „Зелена достава“ во рамките на одбележувањето на Европската недела на мобилноста, која се одржува секоја година од 16 до 22 септември. Во Паркот на жената борец во Скопје денеска се одржа промотивно дефиле, на кое учествуваа претставници на даватели на поштенски услуги што ја поддржаа иницијативата. Преку дефилето беа претставени превозните средства (електрични возила, велосипеди, тротинети) што давателите ги користат за еколошка достава на поштенските пратки во централното градско подрачје на Скопје – информираат од Агенцијата за пошти.
Учеството во дефилето, велат, имало промотивен карактер и претставуваше можност за заедничко испраќање порака за значењето на поодржлива и поеколошка мобилност во урбаните средини.

– Во рамките на Европската недела на мобилноста, Агенцијата ги повика давателите на поштенски услуги да ја поддржат иницијативата „Зелена достава“ и да ги поттикне доставата на поштенските пратки да ја организираат без употреба на превозни средства што користат фосилни горива и придонесуваат кон загадување на животната средина – се вели во соопштението од Агенцијата за пошти.
Со оваа активност била истакната важноста од воведување одржлив начин на транспорт за достава во урбаните средини. „Зелената достава“, велат, претставува чекор кон создавање почиста и поодржлива околина придонесувајќи кон подобрување на квалитетот на воздухот и поттикнување еколошки одговорни практики во секојдневното работење.
Агенцијата за пошти, додаваат, и понатаму ќе продолжи да ги поддржува кампањите насочени кон заштита на животната средина, одржливата мобилност и подигнувањето на свеста за значењето на еколошките практики во поштенскиот сектор.

