Отсек за превенција-СВР Куманово и Општинскиот совет за превенција на детско престапништво при Општина Куманово во соработка со мотоклуб „Мечки“ од Куманово вечерва со почеток во 19 часот ќе организираат ревијално возење по улиците на Куманово.
Општина Куманово ги повика граѓаните, особено младата популација, оние кои управуваат со мотоцикли, четирицикл и други слични возила да учествуваат на ревијалното возење кое има за цел да ја подигне свеста од носење заштитна опрема.

-Сите заинтересирани лица кои сакаат да возат со моторџиите, може да присуствуваат на кумановскиот градски плоштад во предвидениот термин, каде е зборното место за старт на настанот. Ќе следува ревијално возење низ најфреквентните улици низ градот, враќање на градскиот плоштад, по што следува видео – презентација: „Безбедно на мотор – носи кацига!“, на видеобим, во организација на отсек за превенција, СВР Куманово и Мотоклуб „Мечки“-Куманово -информираа денеска од општината.
На настанот ќе бидат поделени промотивни и едукативни летоци за учесниците, со цел да се истакне во јавноста и да се привлече внимание кај граѓаните од сите возрасти, како треба да изгледа заштитната опрема, неопходноста од носење на заштитната кацига, која за моторџиите значи „живот“.
-Добредојдени се сите љубители на мотоциклизмот на заедничко дружење, забава и едукација на градскиот плоштад во Куманово-повикаа организаторите.

