Центарци повторно добија непосакувани гости. Инвазија од стаорци и глувци деновиве ги вознемири жителите во близина на паркингот меѓу Буњаковец и Основното училиште „Песталоци“. Повици до градоначалникот Герасимовски да реагира и апели дека ситуацијата е алармантна одекнаа преку социјалните мрежи.
Одговорот е дека дури во понеделник општинските служби ќе излезат на терен.
Од Општина Центар уверуваат дека досега биле преземени сите мерки и редовно биле спроведувани дератизации, чистење на шахти и просторот околу контејнерите. Во август имало вонредна акција. Герасимовски е дециден дека општинските служби континуирано ја следат состојбата и реагираат таму каде што има потреба, но дека проблемот не може да се реши само со дератизација и дека мора да проработи и свесноста кај граѓаните и да не го оставаат отпадот на несоодветни места.
„Последната вонредна дератизација ја спроведовме пред само еден месец, а во понеделник повторно излегуваме на терен. Редовно преземаме мерки, но мора да се отстранат и причините што создаваат услови за појава на глодари. Нередовното чистење на контејнерите и натрупувањето отпад се сериозен проблем. Граѓаните мора редовно да ги одржуваат дворовите, подрумите и заедничките простории во станбените објекти и да не оставаат отпад на несоодветни места. Само со заедничка грижа можеме да имаме чист и безбеден Центар“, рече Герасимовски.
Од октомври ќе следува и редовната есенска дератизација. Општина Центар тврди дека редовно врши и дезинсекција.
Ова не е првпат да се алармира за појава на глодари во Центар. Лани десетгодишно дете беше каснато од глушец на игралиште во скопската населба Капиштец, додека си играло со други деца.

