Годишниот извештај на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер за 2025 година ќе биде денеска пред членовите на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците.
Во извештајот, објавен на веб-страницата на Собранието, во текот на 2025 година до Агенцијата биле доставени вкупно 626 жалби, поднесени против молчење на првостепените органи – иматели на информации, или против нивни одговори дадени во управни и реални акти.
– Дури 438 од изјавените жалби, а што претставува голем и поразителен процент (69,96 отсто), се однесуваат на непостапување на имателите на информации по барања за пристап до информации од јавен карактер. Тоа покажува дека, и по упорните заложби на Агенцијата, молкот на управата останува акутен проблем. Алармантната состојба насочува кон вистинскиот извор на проблемот – недоволната свест и разбирање, особено во дел од раководните структури на институциите на централно и на локално ниво, за суштината и значењето на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер – стои во извештајот.
Во извештајот се заклучува дека постои повеќе од потреба Агенцијата да го засили својот активен ангажман токму меѓу административните службеници и раководните структури, со цел значително да влијае во промената на бирократскиот менталитет и да го намали, а во перспектива и целосно да го елиминира молкот на управата.

