Претседателот на Собранието Африм Гаши денеска оствари проштална средба со амбасадорот на Република Казахстан во Македонија, Н.Е. Садбалди Буршаков.
На средбата, како што информираат од собраниската прес-служба, Гаши изразил благодарност за ангажманот на амбасадорот Буршаков во унапредувањето на пријателските односи меѓу двете земји, при што бил истакнат напредокот постигнат во билатералната, економската и парламентарната соработка.
Било поздравено успешното заокружување на преговорите за трите значајни договори од правната сфера – за заемна правна помош во кривични предмети, трансфер на осудени лица и екстрадиција. Како значаен чекор во продлабочувањето на економската соработка било издвоено и потпишувањето на Протоколот за првата сесија на Заедничката комисија за трговија и економска соработка, како и Меморандумот за разбирање за економска соработка.

Гаши посочил дека постои простор за натамошно јакнење на парламентарните односи, особено преку Пратеничката група за соработка со Казахстан и редовниот контакт меѓу двата парламента. Тој го поздравил и отворањето на резидентната Амбасада на Казахстан во Скопје, оценувајќи го како важен исчекор во односите меѓу двете земји.
Амбасадорот Буршаков се заблагодарил за досегашната соработка и поддршката во текот на неговиот мандат во Македонија. Тој споделил позитивни впечатоци од своето дипломатско искуство во земјата и истакнал дека со задоволство ќе ги памети контактите и пријателските односи воспоставени во текот на неговиот мандат. Воедно, изразил уверување дека соработката и пријателските односи меѓу Казахстан и Северна Македонија ќе продолжат да се продлабочуваат.
На крајот, претседателот Гаши му упатил најдобри желби на амбасадорот Буршаков за успех во идните професионални ангажмани, со уверување дека досегашната добра соработка ќе продолжи и во иднина.

