Штандови со изложени ракотворби на учениците од отпад, производи изработени во рамките на проектот, зеленчук од училишната градина, биокомпост прикажаа учениците од средното прилепско училиште „Орде Чопела“, од прилепските основни училишта „Блаже Конески“ и „Климент Охридски“ и од ОУ „Манчу Матак“ од Кривогаштани на денешниот завршен Хепенинг во центарот на Прилеп, паркот кај Основниот суд, како завршен настан од проектот „Мали за зелена транзиција – од урбана градина до еко-производ“.

-Денешниот завршен настан го нарековме Артхепенинг „Од отпад до нова вредност“. Целта е да покажеме дека и во урбаната средина може да се произведе храна, и тоа на био начин, без користење на хемиски средства. Прво ги обучуваме средношколците кои подоцна своето знаење им го пренесуваа на учениците од основните училишта. Имавме обучувачи во однос на биопроизводството и во користењето на новите технологи. Во практика ја спроведовме циркуларната економија, што значи, што помалку да произведуваме отпад, а што повеќе храна, воедно да правиме рециклирање и реупотреба на самиот отпад, објасни Филип Димкоски, претседател на НВО „Зокум“ од Прилеп кои го спроведоа проектот.

Учениците цртаа на еко теми, а средношколците ги претставија своите производи од градината и пекарницата при средното училиште „Орде Чопела“.
-Ги преставуваме нашите еко производи, а учениците денеска создадоа саксии за растенијата од нашата училишна еко-градина од пластични шишиња, рече Андреа Гагалеска од невладината „Зокум“ од Прилеп.
Проектот „Млади за зелена транзиција – од урбана градина до еко-производ“ е спроведуван од „Пипл ин нид“, а поддржан од Европската Унија.

