Општина Битола во соработка со повеќе граѓански организации, а во рамки на Европската недела на мобилност, одржаа два настани „Мапирање на мобилноста“ и „Битола во движење“.
Од Општина Битола информираа дека во „Мапирање на мобилноста” биле вклучени основци, средношколци и студенти, со своите ментори, мапираа што е проодно, каде има пречки и што може да се подобри низ улиците во градот, додека во „Битола во движење” учествуваа различни генерации и различни корисници на градскиот простор – велосипедисти, корисници на тротинети, постари лица и лица со попреченост.

– Како локална самоуправа неуморно работиме на подобрувањето на уличната инфраструктура од аспект на безбедноста, пристапноста и мобилноста. Општината имаше објавено јавен повик за искористување средства за адаптација на пристапност, мобилност и функционалност на лица со попреченост до и во нивниот дом. Исто така Битола за првпат доби велосипедски патеки во должина од пет километри, а се работи и на нови траси. Мобилноста не е иста за сите. Она што за еден граѓанин е лесен и прооден пат, за друг може да биде сериозна пречка. Затоа многу идеи и предлози досега реализиравме, токму тргнувајќи од потребите на граѓаните и така ќе продолжиме, истакна градоначалникот Тони Коњановски.
Тој додаде дека денешната активност во рамките на Европската недела на мобилност е додадена вредност на визиите да ги преточат во реални решенија.
Завршниот настан од Европската недела за мобилност се одржа на платото од Офицерскиот дом во Битола.

